Здравство

Нема детали за случајот со „Онкологија“

07.10.2023 16:52

Македонската јавност сè уште чека одговори до каде е истрагата со случајот „Онкологија“. Дали државјани од Косово се лекувале со скапа биолошка терапија која требала да се користи за македонски пациенти? Од Обвинителството засега не откриваат. Сè уште се испитува медицински персонал, пациенти но и лица за кои постои сомнеж дека биле дел од мрежата која давала терапија под рака...

Дали косовски државјани се лекувале со скапа биолошка терапија од Македонија – јавноста сè уште ги чека одговорите. Од Обвинителството не соопштуваат до каде е предистрагата и дали има докази кои ќе го потврдат скандалот за кражбата на биолошка терапија и нејзина препродажба на тамошниот црн пазар. Пред 15-тина дена македонски тим обвинители се сретна со косовските органи. Не се исклучува и можноста обвинители од Приштина да дојдат во Скопје. Од Обвинителството најавија соработка и со албанските институции, но засега со нив имале само контакт, но не и средба. Иако измина повеќе од еден месец од случајот, сè уште се врши распит на пациенти, медицински персонал и лица за кои постои сомнеж дека можеби се инволвирани во скандалот.

„Постапката е во тек и интензивно се преземаат дејствија, но во интерес на предистрагата не сме во можност да споделиме повеќе детали во овој момент“-велат од Основното јавно обвинителство.

За случајот со Онкологија почна со работа и Анкетната комисија. Поранешните министри за здравство Беким Сали и Венко Филипче први пред пратениците ќе реферираат за работата на Клиниката. Информации ќе треба да споделат и актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, сегашни и поранешни директори на Клиниката, како и од Фондот за здравство и од МАЛМЕД.

Целта на Анкетната комисија е обелоденување на вистината и утврдување евентуална политичка одговорност. Граѓаните и пациентите со протести бараат брз епилог за случајот, кој се богател на грбот на најтешко болните.

 

Андријана Ѓурческа