Штип

Дебата на „Текстилијадата“ за правда, судство и работнички права

07.10.2023 14:26

Долгите и скапи судски процеси и неизвесната наплата се пречка за дел од работниците да ги бараат правата од работен однос на суд. Најбројни се тужбите за неисплатени плати и додатоци на плата. Можеме ли да го примениме шведскиот модел, каде работничките права се остваруваат со медијација меѓу синдикатот и компаниите и бројот на предмети кои завршуваат на суд е минимален …

Се зголемува информираноста на работниците за нивните права од работен однос, расте и бројот на судски постапки кои невладината „Гласен текстилец“ ги води пред судовите. Она што е пречка за повеќе работници да се борат за своите права се долгите и скапи судски постапки.

Неисплаќање на плата, исплата под минималецот, неисплаќање на додатоците како прекувремена работа и минат труд се причина за најголемиот дел од тужбите за кои работниците бараат правда во судовите.

„Имаме нешто што го нарекуваме шведски модел. Немаме минимална плата определена од владата, таа е резултат на договор меѓу синдикатот и компаниите и овде не се вклучени политичарите. Што се однесува до работничките права, синдикатот ги застапува работниците пред судовите, но многу мал дел завршуваат на суд бидејќи се наоѓа решение со медијација и арбитража“, изјави Сара Андерсон од Градски совет на Борос, Шведска.

Освен за работничките права, на „Текстилијадата“ се дебатираше и за условите за трансфер на работна сила во рамки на Отворен Балкан, како и за начините за модернизација и развој на текстилниот сектор во државата.

 

Славица Величковска