Регион

Во Србија чествување за загинатите Македонци во Првата светска војна

07.10.2023 18:01

Во Србија оддадена почит на 1.300 Македонци од Вардарскиот полк загинати во Првата светска војна на Костолачка Коса крај Пожаревац...

Македонците во Србија во организација на здружението Кочо Рацин од Белград, во Костолачка Коса крај Пожаревац им одадоа почит на 1.295 загинати Македонци од Вардарскиот баталјон во Првата светска војна, барајќи воедно на постоечката спомен-плоча во Црквата Св. Ѓорѓи да се постави нова на која наместо „Вардарци“ ќе пишува дека се „Македонци“ и на македонски јазик.

„Бараме споменик за паднатите Македонци, во село Петка каде има споменик но не и за Македонците. Имаме идејно решение за споменик на кое на македонски и на српски јазик е напишано дека се Македонци. Поднесовме барање до претседателот Александар Вучиќ, до премиерката Ана Брнабиќ, до Министерството за култура на Србија и добивме одговор од Министерството за труд и боречки прашања-Сектор за боречка заштита дека со задоволство ја поддржуваат иницијативата со која се негуваат сеќавањата за жртвите од Првата светска војна. Но и дека немаат планирано средства за оваа година, со надеж за следната година нашата иницијатива да се реализира“, изјави Лидија Демниева, претседател на македонското здружение „Кочо Рацин“ од Белград.

За време на Првата светска војна, Кралството Србија изврши мобилизација на Македонците во тогашна Јужна Србија, од кои е формиран Вардарскиот баталјон, со вкупно 1.300 Македонци. Од нив во борбите со австро-унгарската и германската војска, борејќи се во рамки на српската војска, загинат е речиси целиот баталјон или вкупно 1.295 војници, од кои 473 во борбите за одбраната на Белград и Смедерево, 627 војници загинаа на Костолачка Коса, 60 македонски војници се загинати при повлекувањето на српската војска кон Албанија, каде загинуваат уште 60 војници, така да Првата светка војна ја преживеале само 5 македонски војници.

На одбележувањето на кое беше одржано историско потсетување за овие храбри Македонци, присуствуваа Македонците од Србија, делегација од Општина Костолац и Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес.

 

Оливер Бранковиќ