Со советувалишта да се спречи семејното насилство
Преку советувалиштата да се спречи семејното насилство. Да се охрабрат жените да пријавуваат, но и да се обратат за помош во сервисот во Куманово, бараат од здружението „Мајка“. За само една година од североистокот помош побарале над 40 жени. По појаснување на постапката голем дел се откажуваат, но има и дел кои посетуваат психотерапија и кариерно советување …

Над 40 жени од североистокот за само една година, побарале помош во советувалиштето за поддршка на жени жртви на семејно и родово базирано насилство, информираат од здружението „Мајка“. Појаснуваат дел од нив се информираат за постапката која ги очекува и се откажуваат. Други пак посетуваат психотерапија и кариерно советување. Но, има и случаи на жртви кои дошле, си заминале, но по повторено насилство, се враќаат.
„Тогаш повеќе свесни започнуваат одреден процес, дали бракоразводен, дали да излезат од насилната средина, бараат сместување, им ги кажуваме можностите, каде можат да се сместат во прифатилиштата но кога ќе им ги кажеме сите правила кои мора да се почитуваат таму, жените не се одлучуваат да одат“, истакна Лидија Илијевска, претседателка на хуманитарното здружение „Мајка“.
Целта велат надлежните е истите економски да се зајакнат, да им се најде вработување. Со нив работат социјален работник, правник, психолог, и кариерен советник. Сервисот кој веќе е лиценциран, започна да функционира со поддршка на европски проект и Општина Куманово. Советот донесе одлука да се одвојат 600.000 денари.
„Размислуваат за последиците, децата, семејството, често се економски зависни од своите сопрузи, тоа се големи трауми за жртвата и едно ваков советувалиште кое ќе биде една мека мерка со која ќе ги посоветува што може да направат, како да се соочат, кој е патот, последиците, мислам дека е потребно за граѓаните на Куманово“, истакна Ивана Ѓоргиевска, претседателка на Совет на Општина Куманово.
Од советувалиштето се надеваат дека ќе добијат поддршка и од останатите општини.
Дека ваквиот сервис во најголемата општина во земјава е повеќе од потребен е јасно. Пред само два месеци во Куманово во семејно насилство настрадаа две жени.
Елена Георгиевска
