Ракетни напади од Либан, Израел возврати
По нападите од Хамас, военото радио на Израел објави дека од Либан биле истрелани минофрлачки гранати кон северниот дел на земјата. Тел Авив возврати со артилериски напад. Советот за безбедност на Обединетите Нации на итен состанок за решавање на ситуацијата на Блискиот Исток...

Израелската армија соопшти дека нападнала цели во Либан, откако Хезволах истрела неколку минофрлачки гранати. Проектилите паднале на подрачјето на спорната Голанска Висорамнина. Тел Авив го предупреди проиранското движење да не се вклучува во војната што вчера ја почна Хамас од Појасот Газа.
Прогласена е вонредна состојба во Израел во радиус од 80 километри од Појасот Газа. Тел Авив е под сирени за воздушни напади. Областа ноќта ја помина во мрак, откако Израел го прекина снабдувањето со електрична енергија. Израелските и палестинските официјални лица јавуваат за стотици жртви и над 2.000 повредени. Голем број луѓе се држат како заложници од страна на Хамас. Судирите меѓу израелските и палестинските сили се одвиваат на 22 локации на југот на Израел.
„Израел ќе се погрижи никогаш ова да не се повтори. Армијата веднаш ќе ја искористи сета своја моќ да ги уништи капацитетите на Хамас. Му благодарам на претседателот Бајден за неговите јасни и силни зборови, на францускиот претседател, британскиот премиер и многу други лидери за безусловната поддршка“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Не стивнуваат реакциите од меѓународната заедница за воените дејствија. Претседателот Џо Бајден претходно го осуди нападот на Хамас и вети дека сојузникот на Вашингтон ќе добие сè што е потребно за да се брани.
„Ова не е момент за која било непријателска страна на Израел да ги искористи нападите, да бара предност. Му наложив на мојот тим за национална безбедност да се ангажира со нивните израелски колеги за да се уверам дека Израел го има она што му е потребно“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Лидерите на земјите од ЕУ изразија загриженост од прелевање на конфликтот.
„Ова насилство не е ниту политичко решение, ниту чин на храброст. Тоа е чист тероризам и Израел има право да се брани. Европската унија стои со Израел и драги пријатели, ова тешко искушение е најновото на долгата листа на предизвици што заедно ќе ги победиме“, изјави Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската комисија.
„Како резултат на овие терористички напади, сега постои непроценлива опасност од голема регионална ескалација“, изјави Аналена Баербок, министер за надворешни работи на Германија.
Советот за безбедност на ОН закажа итен состанок за решавање на ситуацијата на Блискиот Исток.
Маријана Димовска
