По десет години, МЗТ Скопје и Работнички во ново финално докажување
Десет години македонската кошаркарска јавност чекаше за шампионскиот пехар одново да се борат вечните ривали. Во драстично променети околности отколку на крајот на сезоната 2003/2004, кога последен пат играа во плеј-оф финалето, при сосема поразлична слика во нашиот клупски баскет во споредба со годините дотогаш, МЗТ Скопје Аеродром и Работнички вечер ја почнуваат битката за приматот во домашното првенство.

Шест пати досега за пехарот војуваа големите спортски непријатели и шест пати вагата натежнуваше на страната на тимот од „Градски Парк“. Тоа беше периодот на главно супериорна доминација кога Работнички ја набилда бројката титули, поставувајќи страшен предизвик пред сите коишто ќе си постават цел некогаш да го достигнат. Во тие години МЗТ и сино-белиот дел од главниот град тешко ја прифаќаа инфериорноста во соочувањата со клубот којшто уште долго ќе го носи епитетот најтрофеен, но по речиси две децении конечно дочекаа да се смени односот на силите. Сега Аеродромци се во улога на владетели коишто две години неприкосновено господарат со нашата кошарка, а на пат се да остварат и шампионски хет-трик, ако конечно успеат првпат да се израдуваат против Работнички во една финална серија за круната.
По завршувањето на АБА сезоната, МЗТ Скопје рутински ја одработи суперлигашката фаза од првенството, а без пораз го мина и полуфиналето. Од друга страна, откако во шампионатот влезе со многу организациски неизвесности, на плеќите на играчкиот и на стручниот кадар Работнички одново потсети на не толку дамнешното минато и стигна до завршната фаза. Ова ќе му биде 18-то плеј-оф финале, а досега само трипати беше на губитничката страна. Николферт, Струмица и Фени Индустри по еднаш му застанаа на патот. Сега МЗТ Скопје со душа го очекува мигот конечно против градскиот ривал да му се наслади на шампионскиот пехар. Играше во осум финалиња вкупно досега, а се радуваше само во последните две сезони.
Сите натпревари од серијата до три победи ќе се играат во Арената „Борис Трајковски“, а првиот е вечер од 19.30 часот со директен пренос на Собранискиот канал.