ИЗРАЕЛ

Стотици загинати и илјадници повредени во Израел по нападите од Хамас

08.10.2023 12:46

Ситуацијата во Израел ескалира. Стотици загинати, илјадници повредени. Голем е бројот на заложници кои ги држат и двете страни. Меѓународната заедница апелира да запрат воените дејствија...

Израелската армија нападна цели во Либан, откако шиитското движење Хезболах истрела неколку минофрлачки гранати на израелска територија. Проектилите паднале на подрачјето на спорната Голанска Висорамнина. Израелските власти претходно го предупредија проиранското движење да не се вклучува во војната што вчера ја почна Хамас. Во меѓувреме се евакуира населението околу Појасот Газа.

„Израелски офицер ни се јави околу пет часот наутро. Ни рече да не го напуштаме домот. Ќе ја уништат кулата Ватан. Му реков дека тоа не е дозволено, мораме да си одиме. Тргнавме во пет часот, ја нападнаа кулата со предупредувачки проектил, а потоа целосно ја уништија. Оваа кула, е станбена и канцелариска кула и во неа нема борци на отпорот“, изјави Мохамед Ал-Баваб, жител во Појасот Газа.

„Гледаат терористи како пукаат од сите страни и не им е гајле кој доаѓа, кој е спроти нив, само пукаат и убиваат невини цивили. Каде е армијата? Владата? Каде се сите безбедносни фактори кои треба да го чуваат народот. Мораме да имаме целосна безбедност за граѓаните да бидат сигурни и да можат да излезат од своите домови“, додава друг жител во близина на Појасот Газа.

Израелската армија ја презеде контролата врз областите од Појасот Газа до Израел. Силите на терен убија стотици терористи. Се водат херојски борби за спасување заложници. Наша задача е да ги евакуираме сите граѓани од Појасот“, изјави бригаден генерал Даниел Хагари, портпарол на израелското Министерство за одбрана.

Голем број израелци ноќта ја поминаа во страв, мрак и звуци на артилериски оган. Израел прогласи вонредна состојба во радиус од 80 километри од Појасот Газа. Израелските и палестинските официјални лица јавуваат за стотици жртви и илјадници повредени. Голем број луѓе се држат како заложници од двете страни.

„Ова е нереално. Не можев да замислам дека вакво нешто некогаш ќе се случи. Отсекогаш било тешко. Но сега е војна. Не знам каде се моите пријатели“, вели жителка на Тел Авив.

„Целата ситуација покрена голема количина на емоции бидејќи не се чувствуваме безбедно. Сета наша доверба во армијата, во владата и особено во Мосад се тресе и не се чувствуваме целосно сигурни во нашата земја“, вели друг жител.

Не запираат апелите од меѓународната заедница за прекин на воените дејствија. САД и сојузниците ветија поддршка за Израел. Лидерите на земјите од ЕУ изразија загриженост од прелевање на конфликтот. Советот за безбедност на ОН закажа итен состанок за решавање на ситуацијата на Блискиот Исток.

 

Маријана Димовска