ДЗР

Ревизорските извештаи констатираа неправилности на Клиниката за онкологија и во битолската болница

08.10.2023 15:35

Во ревизорските извештаи, објавени во април, констатирани се неправилности на Клиниката за онкологија и во битолската болница. И државниот ревизор е вклучен во истрагата за скандалот во Онкологија. Главниот државен ревизор Ацевски, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека има недоследности во начинот на издавањето и набавката на лековите...

Проблем со набавките, евиденцијата и издавањето на терапијата на Клиниката за онкологија, е една од низата констатирани неправилности во извештајот на Државната ревизија од месец април. Утврдено е и дека Клиниката има голем број обврски преземени надвор од предвидениот буџет.

Во однос на Клиничкиот центар во Битола пак, констатирани се неправилности во работните часови, поголема исплата на дежурства и ангажман на персоналот и во други медицински установи, како и отсуство на систем за контрола за евиденцијата.

22 ревизорски извештаи од Државната ревизија годинава завршиле во Обвинителството, информира главниот државен ревизор Ацевски. Обвинителството потоа треба да донесе одлука дали случаите ќе бидат распоредени во редовните обвинителства или во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Целата е да се утврди фактичката состојба и Јавното обвинителство треба дали има незаконски постапувања, во интерес на вистината, правдата и заштита на парите на даночните обврзници, заклучува Ацевски.

 

Марија Котовска