Протест против продажбата на „Чебрен“
„Чебрен и водите мора да бидат македонски“. Под ова мото во Скопје се одржа протест на инженери кои бараат изградбата на хидропотенцијалот „Чебрен“ да биде во доминантна сопственост на државата. Велат дека договорот со грчката компанија освен што е прескап, ќе биде и штетен бидејќи граѓаните во иднина ќе плаќаат поскапа струја. Побараа Владата да ја преиспита одлуката за доделената концесија...

Хидропотенцијалот „Чебрен“ треба да се изгради, но државата да биде доминантен сопственик. Стратешки енергетски објект, во рацете на странци ќе донесе испумпување на профитот и повисоки сметки за струја-група инженери на мирен протест. Побараа Владата да ја ревидира одлуката за доделената концесија.
Велат – анализите покажале дека договорот скроен за милијарда евра е прескап, бидејќи електраната може да се изгради и за 600-700 милиони.
Договорот предвидува грчката фирма и домашните електрани да основаат акционерско друштво, а ЕСМ ќе учествува со третина од капиталот. Штом ќе профункционира, хидроелектраната ќе има капацитет од 333 мегавати и ќе произведува струја колку сите хидроцентрали заедно. По завршување на подготовките, изградбата ќе трае 7 години.
Анита Димитријевска – Велковска
