Прогласена вонредна состојба во Израел
Стотици загинати, илјадници повредени-киднапирани над 100 лица. Војната во Израел ескалира. Советот за безбедност денеска на итен состанок...

Засилени безбедносни мерки во европски метрополи по воените случувања во Израел. Полицијата ги засили патролите околу синагогите и еврејските училишта и споменици. Синоќа палестински поддржувачи излегоа на улиците на Берлин за да го прослават нападот на Хамас врз израелска територија.
Израелската армија нападна цели во Либан, откако шиитското движење Хезболах истрела неколку проектили на израелска територија. Израелските власти претходно го предупредија проиранското движење да не се вклучува во војната што вчера ја почна Хамас. Во меѓувреме се евакуира населението околу Појасот Газа. Израел прогласи вонредна состојба. Странските државјани ја напуштаат земјата.
„Израелската армија ја презеде контролата врз областите од Појасот Газа до Израел. Силите на терен убија стотици терористи. Се водат херојски борби за спасување заложници. Наша задача е да ги евакуираме сите граѓани од појасот. Оваа евакуација мора да биде безбедна“, изјави бригаден генерал Даниел Хагари, портпарол на израелското Министерство за одбрана.
Голем број израелци ноќта ја поминаа во страв, мрак и звуци на артилериски оган. Израелските и палестинските официјални лица јавуваат за стотици жртви и илјадници повредени. И двете страни држат заложници.
„Дојдов во полициската единица да дадам примероци од ДНК за да ја побарам сестра ми, од вчера немавме контакт. Таа се качи со брза помош. Не знаеме каде замина“, вели Раз Муалем.
„Дојдов да ја пријавам мајка ми, таа беше киднапирана од Хамас, имам видео-снимка. Некој ми ја испрати од групата „Газа сега“. Претпоставувам дека сега се во Хамас, во Газа“, изјави Мор Стриковски.
„Гледаат терористи како пукаат од сите страни и не им е гајле кој доаѓа, кој е спроти нив, само пукаат и убиваат невини цивили. Каде е армијата? Владата? Каде се сите безбедносни фактори кои треба да го чуваат народот“, вели жител на град ви близина на Појасот Газа.
Меѓународната заедница со апел за прекин на воените дејствија. САД и сојузниците ветија поддршка за Израел. Москва побара да запре огнот и да се преговара. Лидерите на земјите од ЕУ изразија загриженост од прелевање на конфликтот. Советот за безбедност на ОН закажа итен состанок за решавање на ситуацијата на Блискиот Исток. Палестинските власти побараа итен состанок на Арапската лига.
Маријана Димовска
