Попоски- Солстром: Позитивен развој на односите меѓу Македонија и Шведска

27.05.2014 12:59

Шефот на дипломатијата Попоски ја истакнал важноста на континуираната и проактивна шведска поддршка за европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија.

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска го примил политичкиот директор во министерството за надворешни работи на Кралството Шведска, Торбјорн Солстром.

Шефот на дипломатијата Попоски ја истакнал важноста на континуираната и проактивна шведска поддршка за европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија.

„Македонија е целосно подготвена да ги почне преговорите за пристапување во Унијата, согласно препораките на Европската комисија. За одржување на интегритетот и кредибилитетот на процесот на проширување на Европската унија клучен придонес имаат и земјите членки при носењето на одлуки. Во актуелниот геополитички контекст особено е важно почитувањето на меѓународното право и обврски, вклучително и во случајот на Македонија“, рекол  министерот Попоски.

Шведскиот соговорник ги реафирмирал заложбите и поддршката на Шведска за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и НАТО, во функција и на стабилноста на регионот и пошироко.

На средбата заемно било  искажано задоволство од позитивниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Шведска, и нагласен интересот и можностите за интензивирање на меѓусебната соработка во повеќе сфери од заемен интерес, како што се инвестициите, трговијата, здравството, образованието, животната средина.