Израел

Продолжуваат борбите меѓу израелските безбедносни сили и милитантите на Хамас

09.10.2023 09:38

Израелските безбедносни сили сè уште немаат целосна контрола по должината на границата со појасот Газа. Се водат улични борби со борците на Хамас. Над 700 загинати и повеќе од 2 илјади ранети е билансот од нападите на палестинските милитанти. САД испраќаат дополнителна помош за Израел. Носачот „Форд“ и 5 илјади маринци се приближија до Израел...

Израелците поминаа уште една ноќ со звуците на артилериски оган. Конфликтот од југот на земјата и Појасот Газа се пресели во Ерусалим. Израел објави дека досега во нападите од Хамас загинале стотици жители, а повеќе од две илјади се ранети. Војската паралелно со чистење на теренот во и околу Појасот Газа, спроведува и операција за евакуација на населението, но и спасување на заложниците.

„Собиравме околу 100.000 резервни војници кои моментално се наоѓаат во јужен Израел и се подготвуваат да ја извршат задачата што израелската влада ја назначи. Нашата работа е да се погрижиме за крајот на оваа војна, Хамас повеќе да нема никакви воени капацитети со кои ќе им се заканува на израелските цивили. Покрај тоа, ние треба да се погрижиме Хамас да не може да управува со Појасот Газа“, изјави Џонатан Конрикус-портпарол на Министерството за одбрана на Израел.

Вашингтон на СБ на ООН побара сите земји да ги осудат нападите од Хамас. Палестинскиот претставник повика на прекин на крвопролевањето во регионот, велејќи дека Израел треба да го промени курсот за да се постигне мир. Амбасадорот на Израел пак, го обвини Хамас за воени злосторства и рече дека е време да се уништи терористичката инфраструктура на палестинската милитантна група.

„Време е веднаш да престанат насилството и крвопролевањето. И време е да се стави крај на оваа блокада и да се отвори политички хоризонт“, рече Ријад Мансур – претставник на државата Палестина во ООН.

„Ова злосторство е 11 септември на Израел, отсега ништо нема да биде исто. Ви ветувам дека денес ја уриваме парадигмата, ја менуваме равенката 17 години, откако Израел еднострано се повлече од Газа и откако Хамас дојде на власт“, изјави Гилад Ердан – постојан претставник на Израел во ООН.

САД најавија дека ќе преместат носачи на авиони со околу 5.500 војници поблиску до Израел. Британскиот премиер Сунак, вети целосна поддршка во борбите со Хамас. Идентични пораки испрати и канцеларот Шолц, додека во Германија се преземени зголемени мерки за заштита на израелски објекти.

„Обединетото Кралство долго време е еден од најсилните сојузници на Израел. Се разбира, никој не сака да види регионална ескалација. Обединетото Кралство и сојузниците ги повикаа сите во регионот да не го користат ова како можност за поттикнување дополнително насилство или омраза. Во меѓувреме, ќе продолжиме да му ја даваме на Израел поддршката што му е потребна“, изјави Риши Сунак-премиер на Велика Британија.

Од палестинската екстремистичка група Хамас порачаа дека нема простор за разговори за примирје сè додека Израел напаѓа цивили. За тензиите на Блискиот Исток ги обвинија властите во Ерусалим.

 

 

Маријана Димовска