За убиство сторено при семејно насилство, кавадарчанка осудена на 10 години затвор
Обвинетата кавадарчанка која убиството го сторила при вршење на семејно насилство врз неа, доби десет години затвор. Одбраната најави жалба...

Кавадарчанката Марина Бошкова на 51 годишна возраст доби десет години затвор за убиството на Илија Милошевски 71 год. од Кавадарци, сторено при семејно насилство врз неа. Оваа пресуда беше изречена во Основен суд Велес и е на долната граница во опсегот до доживотен затвор кој и се закануваше на обвинетата.
Според претседателот на кривичниот совет судијката Габриела Гајдова, која ја образложи пресудата, иако во текот на судењето обвинетата Бошкова негираше вина, нејзиното признание дадено во присуство на бранител, пред обвинител, било одлучувачко за осудителна пресуда.
Убиството се случило на 6-ти септември 2022 година во Кавадарци, во домот на починатиот, при што со нож му се нанесени повеќе од 20 убоди со нож а потоа телото било пролеано со ракија и запалено. Одбраната незадоволна од пресудата.
Отежнувачка околност е што обвинетата, откако партнерот физички ја нападнал, во првите моменти му нанела неколку убоди и тој паднал, таа продолжила да му нанесува повреди со ножот. Обвинета до правосилноста на пресудата останува во притвор.
Петар Печков
