Воено чистење на истокот на Украина!

27.05.2014 13:19

Запреа судирите на аеродромот во Доњецк. Проруските парамилиции цела ноќ разменуваа оган со уркаинските антитерористички сили. Со ова, веројатно почна операцијата на воено чистење на источна Украина, најавена од претседателот Порошенко...

Мирно утро во Доњецк по жестоките судири минатата ноќ, во кои 35 лица загинаа, додека медиумите јавуваат дека има голем број повредени проруски бунтовници. Министерот за внатрешни работи Арсениј Аваков соопшти дека аеродромот во Доњецк  е повторно  под контрола на украинската војска. Во Луганск продолжуваат судирите, а расте и бројот на загинати и повредени. Судирите се интензивираа непосредно по претседателските избори и победата на олигархот Петро Порошенко, кој изјави дека ќе преземе антитерористичка акција и ќе го врати мирот во земјата.

„Ќе се погрижам за мирот во источниот дел на земјата, во тој дел мора да се спроведуваат законите и да се врати војската. Но,  не за неколку месеци туку за неколку часа“, изјави Порошенко.

Граѓанската војна која неколку месеци трае во земјата, предизвика страв кај граѓаните и бран бегалци, кои повеќе не се чувствуваат безбедни во Доњецк и Луганск.

„Ова што се случува е граѓанска војна, во неа не може да има победници“, смета Александар Величко- бизнисмен.

„Кога ќе погледнам од прозорецот гледам само чад и пукотници. Се плашам. Во тие моменти помислувам да се преселам некаде каде што е побезбедно. Градот никогаш веќе нема да биде ист. Се се смени“, изјави Марија Величко, новинар.

Русија го повика Киев да ги прекине воените интервенции над својот народ и побара од ОБСЕ да почне со истрага за судирите.

 

Марија Петковска