Илјадници жртви и повредени во нападите во Израел
Продолжува пеколот во Израел и во Газа. Жртви на двете страни во ракетните напади. Вапшингот го испрати најновото воено пловило, носачасот на авиони „Џералд Форд“...

Предупредувачки сирени за ракетни напади и натаму одекнуваат во Ерусалим и Тел Авив.
Израелските власти тврдат дека ситуацијата во јужен Израел е стабилна, но сè уште има необезбедени делови каде борбите се во тек. Во нападите илјадници жртви и повредени.
Војската паралелно со чистење на теренот во и околу Појасот Газа спроведува и операција за евакуација на населението, но и спасување на заложниците.
„Ние повеќе или помалку ја стабилизиравме состојбата и преземаме контрола над сите заедници околу Газа. Има две локации каде во тек се борбите. Се обидуваме да се увериме дека, повторно, нашите граници се безбедни и на земја и на море. Имаме стотици убиени Израелци, цивили и војници“, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили, полковник Ричард Хехт.
Носачот на авиони „Џералд Форд“, најмодерното воено пловило на американската морнарица, кого го следи борбена група со неколку воени бродови, впловува во Медитеранот. Американската и европската поддршка е неподелена. Британскиот премиер, Сунак, го поддржа Тел Авив во битката Хамас. Идентични пораки пристигнаа и од канцеларот Шолц, додека во Германија се преземени мерки за заштита на израелски објекти.
„Обединетото Кралство долго време е еден од најсилните сојузници на Израел. Се разбира, никој не сака да види регионална ескалација. Обединетото Кралство и сојузниците ги повикаа сите во регионот да не го користат ова како можност за поттикнување дополнително насилство или омраза“, изјави Риши Сунак, премиер на Велика Британија.
Итната седница на Советот за безбедност на ООН за војната на Блискиот Исток меѓу Хамас и Израел, помина во напната атмосфера. Палестинскиот претставник е за прекин на крвопролевањето. Амбасадорот на Израел го обвини Хамас за воени злосторства.
„Време е веднаш да престанат насилството и крвопролевањето. И време е да се стави крај на оваа блокада и да се отвори политички хоризонт“, порача Ријад Мансур, претставник на државата Палестина во ООН.
„Ова злосторство е 11-ти септември на Израел, отсега ништо нема да биде исто. Ви ветувам дека денес ја уриваме парадигмата, ја менуваме равенката 17 години, откако Израел еднострано се повлече од Газа и откако Хамас дојде на власт“, изјави Гилад Ердан, постојан претставник на Израел во ООН.
Војната се случува во моментот кога Израел требаше да ги нормализира односите со Саудиска Арабија. Претходно тоа беше направено со Египет и Јордан, Тунис и Мароко, но разгорувањето на конфликтот може да ги наруши смирувачките тонови на Блискиот Исток.
Маријана Димовска
