Појасот Газа под целосна опсада
Тенкови и беспилотни летала се поставени на граничната ограда. Израелското Министерство за одбара издаде наредба за целосна опсада на Појасот Газа. Жртви и повредени од двете страни на конфликтот. Носачот на авиони „Џералд Форд“ впловува во Медитеранот..

Министерство за одбрана на Израел издаде наредба за комплетна опсада на Појасот Газа. Со артилерија и од воздух погодени се повеќе од илјада цели. Тенкови и беспилотни летала се поставени на граничната ограда. Во тек е операцијата за евакуација на населението, но и спасување на заложниците. Двете страни во конфликтот бројат илјадници жртви и повредени.
„Наметнуваме целосна опсада на Газа, нема да има струја, храна, вода, гориво, се ќе биде затворено. Се бориме против човечките животни и постапуваме соодветно“, изјави израелскиот Министер за одбрана, Јоав Галант.
Палестинскиот премиер вели дека Палестинците имаат право да се бранат од израелската агресија и окупација.
„Израел е држава на агресија и окупација и право на нашиот народ е да се брани. Тоа јасно им го кажавме на сите оние кои гледаат само со едно око“, изјави палестинскиот премиер Мохамад Штаје.
Носачот на авиони „Џералд Форд“, најмодерното воено пловило на американската морнарица што го следи борбена група со неколку воени бродови, впловува во Медитеранот. Американската и европската поддршка е неподелена, во моментов е најважно да прекине насилството, велат од Брисел.
„Европската унија го признава правото на Израел на самоодбрана, но мора да го почитува меѓународното право. ЕУ верува дека дијалогот и преговорите се единствен начин за изнаоѓање одржливо решение“, порача портпарол на ЕК, Питер Стано.
Шефот на руската дипломатија и генералниот секретар на Арапската лига, по средбата во Москва повикаа итно да се прекине огнот. Претходно, седницата на Советот за безбедност на ООН за војната на Блискиот Исток помина во напната атмосфера.
„Неопходно е да запрат борбите, да се реши проблемот со цивилите кои се жртви на сегашната ситуација и да се внимава на причините, зошто палестинското прашање не е решено со децении“, рече рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
„Сведоци сме дека вакви настани се случиле или ќе се случат поради недостиг од политички перспективи и нерешеното палестинско прашање“, изјави Ахмед Абул Геит, генерален секретар на Арапската лига.
Воената состојба настана во мигот на можната израелска нормализација на односите со Ријад. Тел Авив има билатерална комуникација со Египет и Јордан, Тунис и Мароко, но разгорувањето на конфликтот ги нарушува смирувачките тонови на Блискиот Исток.
Маријана Димовска
