Дијаметрално спротивни политички анкети
Две анкети, два резултата. На едната води власта, на другата опозицијата...

Во пресрет на претседателските и парламентарните избори кои треба да се одржат идната година агенциите за јавното мислење излегоа со анкети за расположението на избирачите. Двете со дијаметрално спротивни податоци. Според анкетата на „Фокус“, во водство е СДСМ, според таа на „Маркет вижн“, ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето за испитаниците „Кога изборите би биле денеска, за која партија е најверојатно да гласате“, „Фокус“ дошол до овие резултати: за СДСМ се изјасниле 15.8% од испитаниците, за ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски 10.1%, додека, пак, за нова партија предводена од Никола Груевски се изјасниле 9.2% од граѓаните.
Според оваа анкета, најомилен политичар е премиерот Димитар Ковачевски, за кого се изјасниле 12.8% од граѓаните, и води пред Никола Груевски, за кого се определиле 11.1% од испитаниците, за Христијан Мицкоски се изјасниле 10.5% со што моментално е на третото место. Анкетата е спроведена телефонски во октомври годинава на 1200 испитаници.
Премиерот Ковачевски вели дека тој не работи според резултати од анкетите, туку според приоритетите за решавање на проблемите, како што рече особено во делот на евроинтеграциите и справување со проблемите поврзани со економската криза.
„СДС се соочува со слободен пад на рејтингот, па затоа нарачуваат анкети од омилената агенција за мерење на јавното мислење“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Анкетата што ја спроведе агенцијата „Маркет вижн“ дава сосема поинакви резултати во однос на политичките определби на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ, според ова истражување, ако утре се одржат изборите ќе победи. Рејтингот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е поголем од рејтингот на претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски. На наредните избори според анкета на „Маркет вижн“ за ВМРО-ДПМНЕ се определиле 25,1%, потоа следуваат ДУИ со 9,7%, СДСМ со 9,5% и Левица со 7,1%. Резултатите на агенцијата „Маркет вижн“ покажуваат дека во Христијан Мицкоски доверба имаат 12,3%, во Димитар Ковачевски 3,5%, и во Али Ахмети 3,7% од испитаниците. Анкетирањето беше спроведено од 18 до 25 септември 2023 година со употреба на телефонско анкетирање на примерок од 1200 испитаници.
Игор Панов
