Израел

Состојбата во Израел останува сложена

09.10.2023 17:11

„Ова не е војна, ова е масакр“ – потресни сведоштва доаѓаат од теренот. Рахел Шели, Еврејката со македонско потекло, за Македонската телевизија вели дека состојбата е ужасна, има убиени и киднапирани цели семејства...

Дел од македонските државјани се вратија безбедно дома, некои сè уште бараат начин да се спасат од хаосот во Израел. Еврејката со македонско потекло Рахел Шели за МТВ вели – ова не е војна туку масакр. Состојбата е ужасна. Убиени и киднапирани цели семејства, многумина се ранети – меѓу нив има и деца. Израел е мобилизиран.

„Ова што се случува тука е голема катастрофа, масакр. Ова не е војна, ние во Израел нема да дозволиме ова да ни се случи пак. Ова се ѕверови, ова не се луѓе, ова мора да се стопира. Израел е мобилизиран, околу 100 илјади војници отидоа на границата, се борат, сега почна вистинска војна, израел изјави дека Хамас ќе биде уништен“, изјави Рахел Шели Леви Друмер.

Македонските власти стапиле во контакт со 50-тина наши граѓани кои во моментов се во Израел. Но бројката е поголема и се прават напори сите да се лоцираат и безбедно да се евакуираат во земјава. Тоа е можно само со помош на соседите.

Деветмина велешани кои туристички престојувале во Тел Авив се вратија дома со лет организиран од албанските власти за евакуација на свои државјани. Уште седуммина Македонци од Витлеем успешно ја минале границата со Јордан и се очекува да се вратат деновиве.

Во МНР функционира кризен штаб за координација на активностите за евакуација. Според проценките, околу 200 македонски државјани престојуваат во израел и загрозените подрачја.

 

Андријана Ѓурческа