Израел-Хамас

Појасот Газа под жестоки напади од Израел

10.10.2023 09:57

Се стега обрачот околу Појасот Газа. Израелските сили целосно ја прекинаа испораката на храна, вода, струја и гориво. Премиерот Нетанјаху го предупреди Хамас дека војната само што почнала. Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска на итен состанок за ситуацијата во Израел и во регионот...

Во четвртиот ден од војната што ја почна Хамас во Израел, повеќе од илјада луѓе се убиени, а над 4.000 ранети. Мировните сили на ООН во јужен Либан повикуваат на максимална воздржаност долж либанско-израелската граница по големата ескалација на насилството меѓу Палестина и Израел. Газа е под целосна опсада, нема храна, вода, струја и гориво.

„Електраната во Газа сега е единствениот извор на електрична енергија и може да остане без гориво за неколку дена. Ние сме крајно загрижени за големата тензија што не сме ја виделе претходно, причините за насилството и ризикот од прелевање што не сме го виделе претходно во блиското минато“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на генералниот секретар на ООН.

Висок функционер на Хамас рече дека само мал број врвни команданти во Газа знаеле за упад во Израел. Сојузниците како Иран и либанскиот Хезболах ќе се приклучат на борбите „ако Газа биде подложена на војна за уништување“.

„Палестинскиот народ ќе биде трпелив и ќе издржи. Имаме резерви кои можат да ни издржат месеци. Не сме отсечени. Во војната во 2014 година се одржавме 51 ден и подготвени сме да издржиме многу месеци. Но, дали Нетанјаху ќе биде трпелив? Дали луѓето во Тел Авив ќе бидат трпеливи во засолништата?“-изјави Али Бараке, член на командата на Хамас.

Израелскиот премиер побара обединување на опозицијата и формирање влада на национално единство. Ги предупреди Хамас дека војната само што почнала.

„Народот е обединет и сега владата треба да се обедини. Ги повикувам лидерите на опозицијата веднаш да создадат влада на национално единство, без предуслови“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Меѓународната заедница со низа состаноци. Не стивнуваат повиците за прекин на огнот. Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска на итен состанок ќе разговараат за ситуацијата во Израел и во регионот. Земјите-членки ќе го разгледаат одговорот на Брисел и чекорите и ќе ја проценат помошта за развој на палестинските територии.

 

Маријана Димовска