Македонија

Во Софија отворена изложбата „105 години Требениште“

10.10.2023 11:36

Во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија, Република Бугарија, вчера беше отворена изложбата „105 години Требениште“ во присуство на функционери и претставници од институциите на трите држави: Северна Македонија, Бугарија и Србија, кои се обединија за реализацијата на овој ексклузивен проект...

Во Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија, Република Бугарија, вчера беше отворена изложбата „105 години Требениште“ во присуство на функционери и претставници од институциите на трите држави: Северна Македонија, Бугарија и Србија, кои се обединија за реализацијата на овој ексклузивен проект.

Изложбата е резултат на неколкугодишната соработка меѓу Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, Народниот музеј на Србија – Белград, Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија – Скопје и Заводот и музеј – Охрид.

„На 100-годишнината во Скопје, сега во Софија, а во 2025-та година во Белград. Оваа величествена изложба, која со гордост беше поставена и претставена во Археолошкиот музеј во Скопје, побуди огромен интерес кај македонските граѓани. Верувам дека златните маски од Требениште и стотиците вредни артефакти од овој исклучително атрактивен археолошки локалитет ќе ја пробудат љубопитноста и на бугарската јавност“, рече заменик-министерот за култура, Даим Лучи, на отворањето на изложбата.

Директорката на Археолошкиот музеј од Скопје, Славица Бабамова, истакна дека изложбата е резултат на макотрпната и посветена заедничка работа на експертите и професионалците од музеите на трите држави, и дека на задоволство на сите, волшебната археолошка приказна за аристократијата која живеела во Охридскиот Регион во VI и V век пр. н. е. повеќе од едно столетие е предизвик и инспирација за археолозите не само од Балканот туку и пошироко.

Меѓу археолошките предмети кои потекнуваат од Требениште, најпознати се погребните златни маски, но во рамките на изложбата можат да се видат и други вредни предмети, како што се: златни апликации во облик на рака, сандали, алки изработени од злато, килибарен и друг вид накит, керамички предмети, оружје, шлемови, но и впечатливи керамички предмети поврзани со сè уште мистичната приказна за непознатата аристократија која го населувала денешното село Требениште.

Со оглед на тоа што овој проект ја содржи суштината на поврзувањето на земјите од Западен Балкан преку културата, зачувувањето и промовирањето на културното наследство како темелна европска вредност, изложбата посветена на требенишката некропола ќе го продолжи своето патешествие низ најзначајните европски и светски музеи, кои искажуваат огромен интерес уште од започнувањето на проектот.