Илјадници жртви и повредени по нападите на Хамас, шок и неверување низ улиците во Израел
Пукаа во деца, бебиња, стари луѓе, она што се случува во појасот Газа е нечовечно, велат жителите на Израел. Војната се разгорува. Илјадници жртви и повредени, невини луѓе киднапирани. Газа под опсада. Израел мобилизира резервен воен состав. Меѓународната заедница активно заседава, страв од прелевање на судирот...

Тага, шок и неверување низ улиците во Израел. Војната ги затече жителите. Ненадејните напади на Хамас предизвикаа илјадници жртви и повредени. Тие што успеаја да се спасат од јужниот, се сместија во импровизирани засолништа во централниот дел на Израел.
„Тие влегоа во секој дом, во секоја соба. На тие што не можеа да ги киднапираат и да ги убијат им ги палеа куќите. Пукаа во деца, бебиња, стари луѓе. Никој не беше безбеден“, вели жител на Израел.
„Мислам дека повеќе од 30 часа бевме во оваа безбедна соба. Ги искршија стаклата, пукаа насекаде“, рече жителка на Израел.
Појасот Газа е под целосна опсада, нема храна, вода, струја и гориво. Луѓето велат дека секогаш ќе се сеќаваат на теророт.
„Работите што ги видовме не се нешто што човечко суштество треба да види. Тоа што се случува во Појасот Газа е нечовечно“, вели друг израелски жител.
Материјалните нешта може да се заменат, велат преживеаните, но не им е лесно да мислат на сите луѓе и работи што ги загубиле.
„Навистина имавме многу среќа што имаше тревога за ракетен напад. Тоа ни овозможи да влеземе во безбедната просторија. Ја исклучија струјата. Ни ја запалија куќата, изгоре до смрт еден од нашите миленици. Другиот пес беше со нас. Околу шест часа, не знам како, преживеавме. Го отворивме прозорецот кога мислевме дека терористите не се таму“, изјави Дебора Минц.
„Јас и мојот сопруг најдовме сила да ја држиме рачката од вратата пред терористите. Потоа не знам колку од нив влегоа во куќата“, вели Ајме Лабан.
Меѓу многуте цивили и војници кои се држат како заложници од Хамас има жени, деца, но и старци.
„Ситуацијата можеби е тешка, но нема причина во светот постарите, жените, децата и бебињата да бидат киднапирани. Нема причина. Што и да правите, само вратете ги дома“, порача Адва Адар, внука на киднапирана 85-годишна Израелка.
Меѓународните организации повикуваат да запрат воените дејствија. Од Обединетите нации велат дека се крајно загрижени поради можното отворање на, покрај Украина, второ светско воено жариште.
Маријана Димовска
