Израел-Хамас

Израел ја врати контролата над границата со Газа, се подготвува копнена офанзива

10.10.2023 14:28

Израелската операција „Железен меч“ полека стивнува. Втората фаза опфаќа копнена офанзива врз појасот Газа. Меѓународниот фактор повикува да запрат воените дејствија...

Израелската операција „Железен меч“ која се однесуваше на чистење на теренот од милитанти, евакуација на население и воздушни напади полека стивнува. Втората фаза опфаќа копнена офанзива врз појасот Газа, мобилизирани околу 300.000 резервисти. Апел до израелското население да остане дома со залихи за 72 часа.

„Во последните денови имаше неколку инциденти и операции на северната граница, сега сме во висока готовност. Сега нема инциденти, но ние сме подготвени од воздух и од копно на границата, многу моќно“, изјави Даниел Хагари, портпарол на одбраната на Израел.

Висок функционер на Хамас кој што е во егзил нагласи дека само мал број високи команданти во Газа знаеле за големиот упад во Израел.

„Палестинскиот народ ќе биде трпелив и ќе издржи. Имаме резерви кои можат да ни издржат месеци. Не сме отсечени. Во војната во 2014 година се одржавме 51 ден и подготвени сме да издржиме многу месеци. Но, дали Нетанјаху ќе биде трпелив? Дали луѓето во Тел Авив ќе бидат трпеливи во засолништата?“-изјави Али Бараке, член на командата на Хамас.

Војната затече илјадници луѓе. Ненадејните гранатирања од Хамас однесоа илјадници жртви и повредени. Расте и бројот на странски државјани кои загинаа во масовните напади. Луѓето велат дека звуците на теророт засекогаш ќе им останат во сеќавање.

„Тие влегоа во секој дом, во секоја соба. Оние што не можеа да ги извадат и да ги убијат, им ги палеа куќите. Пукаа во деца, бебиња, стари луѓе. Никој не беше безбеден“, вели жител на Газа.

„Работите што ги видовме не е нешто што човечко суштество треба да го види. Она што се случува во појасот Газа, е нехумано“, рече жител на Газа.

Меѓу многуте цивили и војници кои се држат како заложници од Хамас има жени, деца, но и старци.

„Ситуацијата можеби е тешка, но нема причина во светот постарите, жените, децата и бебињата да бидат киднапирани. Нема причина. Што и да правите, само вратете ги дома“, вели Адва Адар, внука на киднапираната 85-годишна Израелка.

Меѓународниот фактор повикува да запрат воените дејствија. Од Обединетите нации велат дека се крајно загрижени поради можното отворање на, покрај Украина, второ светско воено жариште.

 

 

Маријана Димовска