Пендаровски: Потребно соодветно вреднување и многу поголема поддршка на инженерските струки
Инженерите се движечката сила во секоја држава, тие придонесуваат за благосостојбата и напредокот на општествата...

Инженерите се движечката сила во секоја држава, тие придонесуваат за благосостојбата и напредокот на општествата.
Нашата земја не може да биде исклучок од овие глобални трендови кои го диктираат развојот на националните економии, но, за тоа е потребно соодветно вреднување и многу поголема поддршка на инженерските струки и нивна популаризација меѓу младите, истакна во обраќањето претседателот Стево Пендаровски на церемонијата на откривање спомен-плоча на ФЕИТ за исклучително достигнување на македонската наука.
-Почестен сум да бидам денес со вас на еден навистина исклучителен настан од огромно значење за македонското инженерство, но, и воопшто за македонската наука и општество, во целина. Во рамките на програмата Milestone, на најголемата светска организација на технички професионалци, Институтот за инженери по електротехника која е чадор организација за повеќе од 420.000 професионалци од 190 земји во светот, препознаена е една македонска иновација како особена за човештвото, посочи Пендаровски.
Додаде дека станува збор за истражување на Електротехничкиот факултет, во далечната 1988 година, именувано како Прва контрола на робот со мозочни бранови во светот.
-Истражувањето било предводено од проф. Стево Божиновски, поранешен професор на ФЕИТ, сега професор на универзитетот во Јужна Каролина во САД. Во чест на овој настан од денес во просториите на ФЕИТ ќе имаме плоча која ќе потсетува на ова значајно истражување и достигнување, и, се разбира, ќе биде и мотивација и инспирација за сите сегашни и идни македонски инженери, рече Пендаровски.
Тој изрази благодарност до Историскиот комитет на Институтот за инженери по електротехника што меѓу досега околу 200 најзначајни настани, вброи и истражување случено во македонска институција од наши инженери, што е несомнено големо признание.
