Лустриран поранешен уредник во Македонското радио
Од идеолошко- политички причини ги кодошел неговите колеги новинари...

Поранешен главен и одговорен уредник во Македонското радио соработувал со тајните служби, утврдија лустраторите. Од идеолошко- политички причини ги кодошел неговите колеги новинари.
Членот на Комисијата Дамјановски освен што тврди дека немаат мандат да лустрираат бидејќи мандатот им е завршен, вели дека лустрацискиот филтер не го поминале новоизбраните пратеници,чиј мандат им беше верификуван пред 15-на дена.
„Досега Комисијата немала ниту една седница за овој парламентарен состав. Господинот Томе, на своја рака, така работи цело време, самоиницијативно си напишал писмо дека сите се во ред, и можат да продолжат во постапката за избор“, рече членот на Комисијата за лустрација,Чедомир Дамјановски.
Очигледно е дека Дамјановски џабе работел 5 години во Комисијата, ниту пак го разбрал процесот на лустрација, возврати претседателот Аџиев. Вели дека неговите тврдења се злонамерни и паушални.
„Се е поминато според законот, е проверено, нема ниту еден што се покажало до денес дека соработува, па затоа нема што да тврдиме. Ако се утврди дека некој соработувал, тоа дополнително ќе се утврди, меѓутоа немаме такви податоци“, вели претседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев.
Аџиев и Дамјановски најавуваат повторна кандидатура за новиот состав на Комисијата. Се очекува изборот на новите лустратори во Собранието да се случи идниот месец.
Милчо Велески
