Анкетна Комисија

Сослушани Беким Сали и Оливер Спасовски за случајот „Онкологија“

10.10.2023 22:07

Анкетната комисија која е во фокус на јавноста, денеска почна со прашања и одговори за министерот Спасовски и поранешниот министер за здравство Сали. Пред пратениците денеска излегоа првите пропусти. Сали сведочеше дека барал оставка од поранешниот директор на Клиниката за онкологија бидејќи констатирал дека немало протокол за терапиите. Додека Спасовски посочи дека уште во 2012 година МВР поднело кривична пријава за злоупотреба со лекови...

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред Анкетната комисија за случувањата на Клиниката за онкологија изјави дека МВР од 2012 година ја има следено работата на оваа Клиника бидејќи постоеле индиции за злоупотреби. Спасовски рече дека се преземени активности за обезбедување на доказен материјал и дека во текот на овој период се вршат два вида на вештачења – едното е на електронските уреди и второто на одземената медицинската документација, за над 50 пациенти од Клиниката.

Пратениците од опозицијата пак повикаа на политичка одговорност на поранешни и сегашни министри за здравство и на директори за скандалот на Клиниката за онкологија.

Поранешниот министер за здравство Беким Сали кажа пред пратениците на истражната комисија дека имал сомнеж и загриженост за начинот на функционирање на Клиниката за онкологија. Зголемувањето на долговите, слабоста во планирањето и контролата за набавка на терапиите и немањето медицински протоколи биле дел од пропустите што ги констатирал.

Анкетната комисија ќе ја продолжи работата со повикување на поранешни и сегашни функционери и министри за здравство за периодот од 2020 година па досега. Целта е како што вели и претседателката на Комисијата Мизрахи, да се утврди политичка одговорност, а потоа евентуална кривична и граѓанска одговорност.

 

Игор Панов