Воздушни напади врз цели во Газа
Не запираат нападите врз цели во Појасот Газа. Територијата е целосно под опсада. Се погласни се тврдењата за копнената офанива. Илјадници жртви и повредени во израелско-палестинскиот конфликтот. Обединетите нации ги повикаа двете страни да ги прекинат борбите, да запре загубата на цивили и да се достави хуманитарна помош за погодените …

Израелските одбранбени сили продолжија со воздушните напади на Појасот Газа врз цели на Хамас. Територијата е целосно под опсада од оклопната израелска армија. 300 илјади резервисти добија оружје, што е најголемата мобилизација во историјата на Израел. Министерството за одбрана им дозволи на новинарите да влезат во заедниците на границата со Појасот Газа, којшто беше цел на Хамас.
„Тоа не е војна, не е бојно поле, ова е масакр. Тоа е терористичка активност. Можете и сами да видите нешто што никогаш не сум го видел во целиот мој живот“, изјави генерал-мајор Итаи Верув, водач на израелските сили во Кфар Аза.
Илјадници жртви и повредени од двете страни на конфликтот. Голем број луѓе и натаму се водат како киднапирани. Од ООН предупредуваат дека Газа е целосно затворена за хуманитарна помош и персонал. Ги повикаа двете страни да ги прекинат борбите и да запре загубата на цивили.
„Мислам дека луѓето страдаа премногу долго. За многу луѓе во Појасот Газа ова е седми пат како тие минуваат низ конфликт. Тешко е за нивните деца, за нивните најблиски, за тоа што ќе донесе следниот час, следниот ден. Неизвесност, страв, тага. Време е на сето тоа да му дојде крајот за доброто на сите“, изјави Џулиет Тума од ООН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток.
На брегот на Израел пристигна американскиот носач на авиони Џералд Форд. Претседателот на САД вели дека Израел е должен да одговори на нападите кои претставуваат чин на чисто зло. Белата куќа потврди дека првата транша од воена опрема и муниција е испратена во Израел на денот кога е потврдено дека има загинати американски државјани во ненадејните напади на Хамас.
„Ние стоиме до Израел, тоа мора да биде кристално јасно. За тероризам нема оправдување. Хамас не се залага за правото на палестинскиот народ на достоинство и самоопределување. Неговата наведена цел е уништување на државата Израел и убиство на еврејскиот народ“, изјави претседателот на САД, Џо Бајден.
Израелско-палестинскиот конфликт влева голема загриженост во светски рамки. Лидерите апелираат за прекин на огнот и враќање на преговарачка маса.
Маријана Димовска
