Објавени сателитски снимки од исчезнатиот малезиски авион

27.05.2014 14:22

Компанијата којашто управува со сателитите со недели тврдеше дека нема овластување да ги обајви податоците без дозвола од малезиските власти...

Малезиската влада објави необработени сателитски податоци од комуникацијата на исчезнатиот авион Боинг 777 користени за утврдување на летот на патничкиот авион што исчезна на 8 март годинава.

Документот содржи 47 страници со стотици редови комуникација меѓу леталото и Инмарсат, британската сателитска мрежа, а е објавен по барање на семејствата на патниците во авионот, коишто беа незадоволни од начинот на кој власта го третираше оваа, како што ја нарекуваа, мистерија без преседан.

Компанијата којашто управува со сателитите со недели тврдеше дека нема овластување да ги обајви податоците без дозвола од малезиските власти.

Инаку досега не се пронајдени никакви траги од леталото. Меѓународниот спасувачки тим, предводен од Малезија, заклучи дека авионот кој летал кон Пекинг, свртел кон југ откако последен пат бил забележан од воените радари на околу 90 минути по полетувањето.