празник

Чествување на 11 Октомври-Ден на народното востание

11.10.2023 17:07

Прогресот е одраз на непокорот, со мудри одлуки да се справиме со антиевропската агенда – порача премиерот Ковачевски од централниот настан за одбележување на 11 Октомври – Ден на народното востание во Куманово. Чествувањето почна со положување цвеќе пред Спомен – костурницата...

Со непокор се добиени сите клучни битки во минатото за слободна и прогресивна Македонија, а со непокор и слобода ќе ги осигураме и перспективите денес – премиерот Ковачевски од кумановската Костурница повтори дека земјата се наоѓа пред историска шанса да ја обезбеди иднината во ЕУ. Очекува динамичен интегративен процес до 2030-та. Смета оти е време за одлуки, бидејќи како што рече, на ова парче земја, никогаш не се бегало, од пламен, окупатори и одлуки. Во говорот пред присутните во Куманово, премиерот истакна дека антиевропската агенда е спротивна на денешното сфаќање за патриотизмот.

Порака за обединување за стратегиските интереси испрати и кумановскиот градоначалник Димитриевски. Побара заеднички да се носат одлуките за стабилност и европска интеграција. Тој рече дека во услови кога државата се соочува со надворешен напад врз идентитетот, мора да се надминат поделбите за да се чекори напред.

Почит на паднатите херои им одадоа мноштво амбасадори, политичари, семејствата на борците како и истакнати фигури од општествениот живот.


Анита Димитријевска – Велковска