Во Прилеп почит за борците и револуционерните дејци
На празникот, во градот херој-Прилеп – почит и поклон за загинатите борци и дејци. Од Могилата на непобедените беа испратени пораки: не смее да се заборави влогот на борците кои го поставиле патот на демократските вредности…

Саможртвата на борците не е само симболичен чин, туку и автентично сведоштво на македонскиот народ да се истрае на балканската ветрометина и да се победи фашистичкото зло. Народноослободителната борба резултираше со создавање македонска држава и затоа влогот на борците е голем, порачаа од прилепскиот Сојуз на борци од Могилата на непобедените на чествувањето на Денот на народното востание.
Делото на востаниците од 11 октомври недвосмислено го посочи патот по кој треба да се движи нашата државност-патот на европските демократии, на демократските вредности, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи кој ја предводеше владината делегација.
Прилеп има голем влог во победоносното востание. Тоа е обврска да го гради развојот.
Во предвечерието на празникот беше и импровизираниот напад на градот како потсетување на виорните времиња пред 82 години.
Елизабета Митреска
