Филип Морис стана партнер со Тутунскиот комбинат од Прилеп
Потпишан е договорот за стратешко партнерство на гигантот Филип Морис со Тутунскиот комбинат од Прилеп. Комбинатот добива сигурен партнер кој треба да го извлече од листата на загубари и да го трансформира во профитабилна компанија. Дополнително, со договорот се обезбедува и сигурна иднина за кооперантите на Комбинатот...

Гигантот Филип Морис му стана партнер на Тутунскиот комбинат од Прилеп. Договорот е потпишан. На почетокот на јуни ќе се формира новото друштво со име „Филип Морис – Тутунски комбинат Прилеп“ во кое интернационалната компанија ќе има 51 % од капиталот. Ќе инвестира во нови технологии, а до крајот на годинава ќе се почне со сопствено производството.
„Она што нас не привлече, покрај долгата тутунска традиција на Македонија, е позитивната клима за странските инвеститори, посветеноста на Владата и премиерот на привлекувањето нови инвеститори и економскиот раст на земјата. Ова ни дава доверба за иднината на нашиот проект во земјава“, изјави Мирослав Зиелински, директор во Филип Морис.
Ова е историски договор со кој решаваме децениски проблем– смета првиот човек на Комбинатот.
„Ова е предуслов, Комбинатот по еднодецениска неизвесност да излезе од листата на загубари и да прерасне во успешна компанија“, истакна Александар Дерменџиев, генерален директор на Тутунскиот комбинат – Прилеп.
Ова е потврда на здравите економски политики што ги водиме. Привлековме уште еден светски бренд да инвестира во земјава, а сè повеќе компании ја препознаваат Македонија како атрактивна бизнис – дестинација, порачуваат од Владата.
„Тутунскиот комбинат – Прилеп има околу 5.000 кооперанти, производители на тутун, и околу 1.000 вработени. За сите 6.000 луѓе и семејства, со потпишувањето на овој договор за стратешко партнерство, се обезбедуваат стабилна иднина и сигурен откуп. Во договорот е предвидено и откуп на одредени количества тутун, со што ќе се реши ова прашање и ќе им се помогне на производителите“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
„Да бидат сигурни дека во Владата ќе имаат сигурен партнер. Ова е вреден народ кој знае да ги награди со добра работа сите оние кои коректно се однесуваат кон него“, рече Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
Договорот со Филип Морис произлезе по лани објавениот повик за стратешко партнерство. Новото друштво ќе биде одговорно за производството и продажбата на брендовите од двете компании кои ќе се прават во Прилеп, а подоцна преку него ќе оди извозот и на трети пазари.
Мартин Пушевски
