МНР

ОБСЕ ги донесе младите активисти од Косово и Србија на академија за дијалог во Струга

11.10.2023 15:28

Во Струга, 12 млади жени од Косово заедно со 12 млади жени од Србија, под покровителство на ОБСЕ, учествуваат на десетдневната Академија за дијалог што претставува уникатен модел на ОБСЕ за градење на доверба што резултираше со поврзување не само на младите жени од двете земји, туку и на мажи...

Во својство на Претседавач со ОБСЕ, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска се обрати на Академијата за дијалог за млади жени организирана од Мисиите на ОБСЕ во Косово и во Србија што се одржува во Струга. Во Струга, 12 млади жени од Косово заедно со 12 млади жени од Србија, под покровителство на ОБСЕ, учествуваат на десетдневната Академија за дијалог што претставува уникатен модел на ОБСЕ за градење на доверба што резултираше со поврзување не само на младите жени од двете земји, туку и на мажи.

Во рамки на Академијата, Османи на сесијата Дијалог и медијација имаше и дискусија со учесничките.

Во своето обраќање, Османи се осврна на искуството на Северна Македонија во решавањето на конфликтите преку дијалог и медијација, како и капацитетите и алатките што ОБСЕ може да ги понуди како уникатна платформа за дијалог.

Тој пред учесничките го сподели и искуството на Северна Македонија во медијацијата на случајот што директно ги засега учесничките, а тоа е Охридскиот договор од 2023 година за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Османи истакна дека во процесите на преговарање и дијалог мора да бидат вклучени и жени кои ваквите искуства, како што е ОБСЕ Академијата за дијалог, можат да ги искористат за да внесат нов и конструктивен пристап при справувањето со предизвици искористувајќи ги нивните мрежите за соработка и искуството што го имаат.

Приближувањето на младите од Косово и Србија е едно од главните приоритети на ОБСЕ во двете земји. Академијата за дијалог за млади жени е само една од формите преку која, Мисијата на ОБСЕ во Косово и Мисијата на ОБСЕ во Србија, ги зближуваат младите, менувајќи го наративот во контекст на дијалогот Приштина-Белград.

Зајакнување на жените и нивно еднакво вклучување во процесите на одлучување, како и учество во безбедносниот сектор, се клучни приоритети во програмата на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.

ОБСЕ Академијата за дијалог за млади жени е основана во 2015 година со цел вмрежување на млади жени од Косово и од Србија и нивна соработка за намалување на предизвиците меѓу двете општества, промовирање на дијалог и градење мир. Мрежата на Академијата брои повеќе од 180 членови и редовно организира настани кои промовираат дијалог помеѓу младите од Косово и Србија, солидарност и доверба.