ИЗРАЕЛ

Појасот Газа во руини по нападите

11.10.2023 15:45

Продолжуваат нападите врз цели на Хамас во Појасот Газа. Илјадници жртви и повредени во израелско-палестинскиот конфликт. Обединетите нации ги повикаа двете страни да ги прекинат борбите за да запрат жртвите меѓу цивилите и да се достави хуманитарна помош…

Газа во руини, без струја, вода и храна по продолжените воздушни напади врз целите на Хамас. Територијата е целосно под опсада од оклопните единици на израелска армија, на воените авиони и на 300 илјади вооружени резервисти на Израел. Министерството за одбрана им овозможи на медиумите да влезат во заедниците на границата со Газа.

„Тоа не е војна, не е бојно поле, ова е масакр. Тоа е терористичка активност. Можете и сами да видите нешто што никогаш не сум го видел во целиот мој живот. Тоа е нешто што порано го замислувавме дека им се случило на нашата баба и дедо во минатото со погромите во Европа и на други места“, изјави генерал-мајор Итаи Верув, водач на израелските сили во Кфар Аза.

На брегот на Израел се усидри американскиот носач на авиони Џералд Форд. Тел Авив е должен да одговори на чинот на злото, изјави Претседателот на САД Бајден. Белата куќа потврди, воена опрема и муниција е испратена во Израел на денот кога е потврдено дека има загинати американски државјани во ненадејните напади. Илјадници жртви и повредени од двете страни на конфликтот. Голем број луѓе и натаму се водат како киднапирани.

„Сега има Холокауст број еден и Холокауст број два. Вознемирувачки, неверојатно е тоа што се случи во Израел. Бевме масакрирани“, изјави Шани Цува-жителка на Кибуц Зиким.

„Четири дена не слушнавме ништо ново, ниту за син ми, ниту за внукот. Насилно влегоа во нашиот дом. Стрелаа во прозорците, го повредија син ми и го киднапираа неговото семејство. Петмина терористи против деца и една жена“, изјави Естер Јахаломи, жителка на Ришон Лецион.

ООН предупредуваат дека Газа е целосно блокирана за хуманитарната помош. Ги повикаа двете страни да ги прекинат борбите за да запрат жртвите меѓу цивилите.

„Мислам дека луѓето страдаа премногу долго. За многу луѓе во Појасот Газа ова е седми пат како тие минуваат низ конфликт. Тешко е за нивните деца, за нивните најблиски, за тоа што ќе донесе следниот час, следниот ден. Неизвесност, страв, тага. Време е на сето тоа да му дојде крајот за доброто на сите“, изјави Џулиет Тума од ООН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток.

Израелско-палестинскиот конфликт влева голема загриженост во светски рамки. Проирански Хезболах истрела ракети од јужен Либан врз граничните места во северен Израел и покрај предупредувањата на Шолц и Макрон до Техеран. Хамас истрела ракети врз градот Ашкелон, населен со израелско население, северно од Газа.

 

Маријана Димовска