Државна награда „11 Октомври“

Доделена наградата „11 Октомври“

11.10.2023 16:13

Композиторот Љупчо Константинов е годинашниот добитник на државната награда „11 Октомври“. Највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството му беше доделено во македонското Собрание...

Патот кој го минав беше долг и трнлив не беше послан со персиски ќилими, стотина табаци испишана нотна хартија и илјадници часови поминати во музичките студија. Вака композиторот Љупчо Константинов го прими највисокото признание за животно дело наградата „11 Октомври“. Во изминатите 50 години тој се потпишува на повеќе од 35 наслови на филмска музика меѓу нив и култните „Среќна нова ’49-та“ и „Тетовирање“. Работниот век го поминува како уредник и новинар во Македонското радио каде компонира музика за ТВ емисии, документарци, играни филмови.

Се надевам дека и во иднина оваа награда ќе се доделува за да ги вреднува достигнувањата на заслужни и истакнати поединци од Македонија. Достигнувања кои се доказ дека ние сме слободни луѓе во слободна држава што ќе ни овозможува да твориме во сите области на нашето заедничко живеење, рече претседателката на Одборот за доделување на 11-Октомвриската награда Синоличка Трпкова.

Константинов дипломирал на Музичката академија во Белград. Автор е на музиката за бројни играни, документарни и анимирани филмови, ТВ-филмови, серии и драми, како и за над 60 театарски претстави.

 

Викторија Милевска