Уште девет Македонци евакуирани од Израел
Помеѓу 100 и 200 македонски граѓани се наоѓаат во Израел. Владата ги засилува подготовките за нивна евакуација. Љупчо Тасевски, кој живее и работи во Тел Авив, за МТВ вели – приоритет се нашите граѓани кои се наоѓаат во загрозените подрачја...

Македонија да испрати авион за да ги преземе своите граѓани од Израел, вели Љупчо Тасевски, Македонец кој неколку години живее и работи во Тел Авив. За Македонската телевизија раскажува дека во последните 48 часа состојбата во главниот град на Израел и околината е мирна. Во текот на вчерашниот ден имало две тревоги за ракетен напад.
Тасевски додава дека е во постојана комункација со македонската амбасада во Израел. Приоритет се нашите државјани кои се во покритичните зони.
Последната информација од МНР е дека преку различни транспортни рути деветмина Македонци се вратиле во земјава. Вкупната бројка за изминативе три дена се искачи на 40 наши граѓани што го напуштија Израел, но уште 100-тина чекаат на евакуација. Неколку од летовите се откажани, поради што е отежната евакуацијата од Израел. Во меѓувреме, граѓани од ризичните региони се префрлаат на побезбедни локации во Тел Авив. Од Владата велат дека се засилени подготовки за организирање на евакуацијата на македонските државјани.
„Во моментов се разгледуваат сите расположливи можности за најбрзо враќање на нашите државјани во земјава, кои изразиле желба да се вратат во Република Северна Македонија и кои немаат други можности тоа да го остварат. Имајќи предвид дека во Израел престојуваат поголем број државјани на Република Северна Македонија, Министерството за надворешни работи веќе презема мерки, преку формираниот кризен штаб, за евакуација на сите државјани на република Македонија кои сакаат да го напуштат Израел, а немаат/не можат да купат карти за комерцијалните авионски летови, или да ја напуштат територијата на Израел по копнен пат, преку Јордан“, се вели во соопштението од Влада.
Според проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, од кои преку половината се прецизно мапирани и редовно се одржува контакт со нив.
Ана Јосифоска Тодоровска
