Не запираат израелските напади врз цели во Појасот Газа
Израел формираше влада на национално единство. Нападите врз Појасот Газа продолжуваат. Израелските власти се решителни во обидите да го уништат Хамас. Обединетите нации тврдат дека имаат докази оти и двете страни извршиле воени злосторства…

Израел формираше влада на национално единство додека ја напаѓа Газа. Израелските власти се одлучни во обидите да го искоренат Хамас.
„Ние се бориме со сета наша сила, на сите фронтови. Отидовме во офанзива, секој член на Хамас е мртов човек. Хамас ќе биде уништен и елиминиран, исто како што светот ја уништи и елиминираше ИСИС“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Распоредени се сили северно од густо населената палестинска енклава. И натаму расте бројот на жртви. И двете страни бројат илјадници загинати и повредени.
„Луѓето што беа заробени беа стрелани. Имало и деца во иста просторија и некој ги убил сите, 15 девојки, беа тинејџери, беа ставени во иста просторија и тие фрлија рачна бомба. Ова е масакр“, генерал-мајор Итаи Верув.
Арапската лига повика на итен прекин на насилствата меѓу Израел и Хамас.
„Тековната ескалација меѓу Хамас и Израелците е без преседан по својот интензитет и ефекти. Постојат сериозни можности ситуацијата да се влоши и да се наруши опсегот на конфронтациите. Тоа се можности кои се надевам дека нема да се остварат, бидејќи би можеле да го турнат целиот регион во непозната ситуација и за жал, се чини дека работите одат во оваа насока“, изјави Ахмед Абул Геит, генерален секретар на Арапската лига.
Државниот секретар на САД, Блинкен, во дводневна посета на Тел Авив. Поддршка за тековната воена акција на Израел врз Хамас и од генералниот секретар на НАТО.
„Израел има право да се брани. Тие претрпеа ужасен терористички напад во текот на викендот. Сојузниците на НАТО имаат способност да се справат со ситуацијата на Блискиот Исток и како што знаете, неколку сојузници му дадоа поддршка, разузнавање и други видови поддршка на Израел“, рече генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
За израелско-палестинскиот конфликт светските лидери велат дека е важно да запре крвопролевањето и да се седне на преговарачка маса. ООН тврдат дека имаат докази оти и двете страни извршиле воени злосторства.
Маријана Димовска
