Од утре учениците ќе знаат кој ден ќе полагаат екстерно

27.05.2014 15:27

Предметот што ќе го полагаат учениците, ќе биде објавен три дена пред тестирањето...

Распоредите за екстерното полагање на учениците ќе бидат објавени утре, на видно место во училиштата, навести ресорниот министер Спиро Ристовски, дополнувајќи дека, предметот што ќе го полагаат учениците, ќе биде објавен три дена пред тестирањето.

„Училиштата имаат обврска овие распореди утре пред почетокот на наставата да ги постават на видно место, со цел учениците да се запознаат на која дата ќе полагаат. Распоредите дополнети со предметот кој ќе го полагаат учениците, ќе се објавуваат секој ден, односно три дена пред секое тестирање“, истакна министерот Ристовски.

Покрај во училиштата, распоредите ќе бидат објавувани и од страна на Државниот испитен центар на веб страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk.

Прашањата за екстерното тестирање беа објавени пред речиси еден месец, а, како што информира министерот Ристовски, прифатени се и 3.461 забелешка и направена е соодветна корекција на прашањата.