Израел-Хамас

Продолжува бомбардирањето врз Појасот Газа, расте бројот на жртви

12.10.2023 12:18

Не стивнуваат нападите врз Појасот Газа кој што помина уште една ноќ без струја и вода. Расте бројот на жртви. Западните лидери разгледуваат опции за помош. Се стравува од прелевање на конфликтот. Москва очекува сериозно да се сфати одговорноста за создавање палестинска држава. Израелските власти формираа Влада на национално единство...

Продолжува бомбардирањето на Појасот Газа. Енклавата помина уште една ноќ без струја, вода, храна. Засега се избројани околу 2.000 илјади жртви, црната бројка ќе расте. Израелските власти се решителни во обидите да го искоренат Хамас, мобилизираа 300 илјади резервисти кои веднаш одговорија на повикот. Очекуваната копнена инвазија ќе биде раководена од израелската Влада на национално единство и воениот кабинет.

„Ние се бориме со сета наша сила, на сите фронтови. Отидовме во офанзива – секој член на Хамас е мртов човек. Хамас ќе биде уништен и елиминиран исто како што светот ја уништи и елиминираше ИСИС“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Државниот секретар на САД, Блинкен во дводневна посета на Тел Авив. Германија ја разгледува одлуката да достави муниција и друга воена помош за Израел. Расте загриженоста од можно прелевање на конфликтот.

„Хезболах не смее да интервенира во борбите. Либан, веќе е дестабилизиран од кобните постапки на Хезболах. Тоа би предизвикало можни последици дури во Северна Африка и Јемен“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.

Арапската лига повика на итен прекин на насилствата меѓу Израел и Хамас поради можноста ситуацијата да се влоши, по што целиот регион би се претворил во катастрофа со несогледливи последици.

„Тековната ескалација меѓу Хамас и Израелците е без преседан по својот интензитет и ефекти. Постојат сериозни можности ситуацијата да се влоши и да се наруши опсегот на конфронтациите. Тоа се можности кои се надевам дека нема да се остварат бидејќи би можеле да го втурнат целиот регион во непозната ситуација и за жал се чини дека работите одат во таа насока“, изјави Ахмед Абул Геит, генерален секретар на Арапската лига.

Руското МНР се надева-по завршување на конфликтот сите сериозно да ја сфатат одговорноста за создавање палестинска држава.

„Штом ќе заврши овој конфликт, а ние се залагаме тоа да се случи веднаш, се надеваме дека сите сериозно ќе ја сфатат одговорноста за спроведување на одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации за создавање палестинска држава врз основа на оние принципи што беа одобрени од организацијата“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

За израелско-палестинскиот конфликт светските лидери велат дека е важно да запре крвопролевањето и да се седне на преговарачка маса. Генералниот секретар на Светската меѓународна организација Гутереш ја повтори загриженоста, утре Советот за безбедност треба итно да заседава за војната.

 

 

Маријана Димовска