Украина

Урнати населби во регионот Суми во Украина, во Брисел министерски состанок на НАТО

12.10.2023 13:11

Руската артилерија продолжува со артилериското гранатирање на истокот на Украина. Речиси 600 денови трае инвазијата во земјата, во која речиси 10-на милиони жители пребегаа во западноевропските земји и Северна Америка. Во Брисел се одржува состанокот на министрите за одбрана на НАТО. На самитот ќе се разговара и за Косово, Ирак, и за неизбежната актуелна тема, Блискиот Исток...

Крајот на трагедијата во Украина и по шестотини дена не е на повидок. Цели населби се урнати, како што се уриваат и дроновите-убијци кои летаат и ги погодуваат граничните области во Русија, но и во Украина. Руската артилерија со топовска канонада го опсипува местото Олексијевка, во украинскиот регион Суми. Тоа е одмазда за беспилотните експлозивни летала врз руската гранична област Белгород. Ништо не е поштедено во гратчето, во кое жителите се навикнуваат на новиот начин на преживување.

„Дојдоа да купат сладолед. И тогаш почна, и тука и насекаде. Ги однесов овде, ги заштитив, почна и стрелбата, побегнаа дома. Не е нормално, веќе ми страв да работам“, рече Оксана, продавачка.

„Минофрлачи денеска и во Константиновка. Вчера од изутрина, селото Степне беше бомбардирано и гранатите паднаа во центарот, се искршија прозорците на шест домаќинства. Се беше уништено. Сполај му на господа, само едно лице беше повредено“, рече Микола Торијаник, жителка на Олексијевка.

Во селата останаа само немоќните или една третина од жителите. Преку реката Дњепар убиствените проектили усмртија и четири лица во гимназијата во Никопол.

Министрите за одбрана на НАТО, во Брисел, се договорија за испраќање на нова воена помош за Украина во вредност од 200 милиони долари. За Киев приоритет е муницијата. Повеќе невралгични подрачја се наметнуваат пред самитот.

„На министерскиот состанок ќе дискутираме за Блискиот Исток, Украина, Косово, за одвраќањето и за одбраната и за вашата водечка безбедносна улога, секретарот Остин на сите НАТО сојузници. За Украина, европските партнери и Канада веќе направија нови чекори на поддршка“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Остануваме посветени на зајакнувањето на одбраната на НАТО. Алијансата е силна и сега пообединета од кога и да е. Ќе дискутираме на темите и ќе донесеме одлуки за акции и за трансатлантската безбедност“, изјави секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин.

Во сега веќе традиционалното ноќно обраќање, украинскиот претседател Зеленски ја најави помошта од Белгија во воени ловци Ф-16. Поддршка ќе се добие и во дронови и проектили. Целосната белгиска помош за Киев во наредната година ќе изнесува милијарда и 700 милиони евра, рече Зеленски.

 

Зоран Богатинов