Конечни резултати од изборите за ЕП: EПП со 213 пратеници, СД со 190

27.05.2014 15:54

За прв пат на овие европски избори, европските политички партии ги презентираа и своите кандидати за функцијата претседател на Европската комисија, а официјалната номинација за тоа кој ќе биде новиот претседател на Комисијата ќе дојде од Европскиот совет во следниве неколку недели...

Конечните резултати од изборите за Европскиот парламент покажуваат дека Европската народна партија ќе има 213 пратенички мандати, додека Прогресивната алијанса на Социјалистите и Демократите  освоила 190 мандати.

Алијансата на Либералите и Демократите за Европа ќе биде третата политичка група во Европарламентот  според освоените мандати, односно тие имаат 64 мандати. По нив следува групата на Зелените со 52 мандати, а зад нив се Европските Конзервативци и Реформисти  со 46 пратеници.

Европската обединета левица освои 42 мандати, а бројот на независните пратеници изнесува 41.

Групацијата Европа за слобода и демократија  има 38 мандати, а 65 мандати освоија претставниците кои се избрани за прв пат како пратеници во ЕП и кои не се поврзани со политичките групи во Парламентот.

За формирањето на политичка група во ЕП е потребно членството на 25 европратеници од седум земји, а основањето на секоја нова политичка група е неопходно да се направи пред првата пленарна седница на Парламентот на 1 јули.

За време на првата пленарна седница во јули, пратениците ќе изберат и нов претседател и потпретседател на Европарламентот.

За прв пат на овие европски избори, европските политички партии ги презентираа и своите кандидати за функцијата претседател на Европската комисија, а официјалната номинација за тоа кој ќе биде новиот претседател на Комисијата ќе дојде од Европскиот совет во следниве неколку недели. Според Лисабонскиот договор, при номинацијата за кандидат, Советот мора да ги земе предвид резултатите од изборите.

Номинираниот кандидат потоа мора да добие поддршка од политичките групи во Парламентот, каде во периодот од 14 до 17 јули пратениците ќе гласаат околу тоа дали тие го поддржуваат кандидатот  на Советот или не. За да ја добие поддршката на Европскиот парламент, за кандидатот ќе мора да гласаат најмалку 376 европратеници.