Блинкен од Тел Авив со поддршка за Израел
Појасот Газа. Енклавата помина уште една ноќ без струја, вода, храна. илјадници жртви и повредни, црната бројка ќе расте. Израелските власти се решителни во обидите да го искоренат Хамас. Државниот секретар на САД, Блинкен, од Тел Авив ја истакна поддршката за Израел. Расте загриженоста од можно прелевање на конфликтот. Арапската лига повика на итен прекин на насилствата меѓу Израел и Хамас поради можноста ситуацијата да се влоши...

Продолжува бомбардирањето на Појасот Газа. Енклавата помина уште една ноќ без струја, вода, храна. Засега илјадници жртви и повредни, црната бројка ќе расте. Израелските власти се решителни во обидите да го искоренат Хамас. Очекуваната копнена инвазија ќе биде раководена од израелската влада на национално единство и воениот кабинет.
„На северната граница ја следиме состојбата будно. Распоредени сме со голема моќ долж границата и со Либан и со Сирија“, изјави портпарол на Израелската одбрана, Даниел Хагари.
Државниот секретар на САД, Блинкен, од Тел Авив ја истакна поддршката за Израел и единството во Конгресот за безбедноста на земјата.
„Можеби сте доволно силни сами да се браните, но сè додека Америка постои, никогаш нема да морате. Четири пратки со американска воена поддршка веќе пристигнаа во Израел и уште се на пат. Има огромна, двопартиска поддршка во нашиот Конгрес за безбедноста на Израел“, изјави државен секретар на САД, Ентони Блинкен.
„Многу тешки денови се пред нас. Сега е време кога мораме да останеме исправени и обединети пред злото. Хамас се покажа како непријател на цивилизацијата и треба да се третира токму онака, како што се третираше со ИСИС“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Расте загриженоста од можно прелевање на конфликтот. Арапската лига повика на итен прекин на насилствата меѓу Израел и Хамас поради можноста ситуацијата да се влоши, по што целиот регион би се претворил во катастрофа, со несогледливи последици. Руското МНР се надева, по завршување на конфликтот сите сериозно да ја сфатат одговорноста за создавање палестинска држава.
„Штом ќе заврши овој конфликт, а ние се залагаме тоа да се случи веднаш, се надеваме дека сите сериозно ќе ја сфатат одговорноста за спроведување на одлуката на Советот за безбедност на Обединетите нации за создавање палестинска држава, врз основа на оние принципи што беа одобрени од организацијата“, порача рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
За израелско-палестинскиот конфликт светските лидери велат дека е важно да запре крвопролевањето и да се седне на преговарачка маса. Генералниот секретар на Светската меѓународна организација, Гутереш ја повтори загриженоста. Утре Советот за безбедност треба да итно заседава за војната.
Маријана Димовска
