Комисија за финансирање

Под лупа работењето на Онкологија

12.10.2023 16:10

Низа пропусти за случајот „Онкологија“ излегуваат на виделина. Пред пратениците стигнаа и ревизорските извештаи за Клиниката. Во нив се утврдува дека место стручен колегиум, одлуката за тоа кој ќе се лекува ја носел само еден доктор. Пописот го правеле истите луѓе кои располагале со терапијата...

Работењето на Клиниката за онкологија под лупа и на Комисијата за финансирање и буџет каде што се разгледува извештајот на Државниот завод за ревизија. Во 2021 година констатирани се низа пропусти во протоколите за лечење, во системот за јавни набавки на лекови и опрема, а забелешки има и за тоа зошто сè уште не е ставен во функција акцелераторот којшто чини над 1,7 милиони евра.

Во ревизорски извештај се наоѓа потврда за системскиот криминал на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Клиниката нема донесено пишана процедура за процесот на прием, издавање, трошење и евидентирање на залихата на лекови и медицински потрошен материјал во рамките на аптеката и секоја организациона единица одделно, вели Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Не може да се амнестираат ниту министрите за здравство во тој период, бидејќи и тие имаат клучна одговорност во дизајнирање на систем на функционирање помеѓу Министерството, Фондот и јавните здравствени установи, посочија од опозицијата,

Од власта пак негираат дека врз основа на овој извештај може да се констатира постоење на било каков криминал, зашто овие состојби се провлекувале уште од 2012 година, кога сегашната опозиција раководеше со овие институции.

Ова е првпат во Комисијата за финансирање да се разгледува ревизорски извештај поединечно за било која здравствена институција. Анкетната комисија за скандалот во Онкологија ќе продолжи со сослушување на сведоци, откако досега пред Комисијата сведочеа поранешниот министер за здравство Беким Сали и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

 

Игор Панов