Обезбеден бесплатен авионски превоз за евакуација на македонските државјани од Израел
Владата организира авионски превоз на релација Тел Авив – Скопје за евакуација на сите македонски државјани кои сакаат да го напуштат Израел. Брачен пар заглавен во Појасот Газа...

Македонската влада обезбеди бесплатен авионски превоз за евакуација на македонските државјани од Израел, на релација Тел Авив – Скопје. За транспорт на граѓаните кои побарале помош, авионскиот превоз е организиран за утре. Трошоците ќе се покријат од резервите на буџетот. Чартер летот е обезбеден преку соработка со „Air Serbia“.
Брачна двојка од земјава чека евакуација од Појасот Газа. Иако моментално се згрижени, со оглед на случувањата – не се безбедни, информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи. Рече дека двојката кога стигнала на границата со Египет, преминот се затворил. Комуницираат со нив, но шефот на дипломатијата оцени – извлекувањето ќе оди потешко.
Министерот потврди дека уште петмина наши сограѓани се вратиле во земјава, а Израел го напуштиле 17 лица.
Откако избија воените дејствија меѓу Израел и Палестина, домашните институции идентификувале 150 нашинци затекнати на нивна територија. Досега се евакуирани 60. Останатите 90 луѓе се очекува да го напуштат жариштето до крајот на работнава недела.
Наташа Гркова-Петрушевска
