Како да се справиме со предизвиците што ги носат климатските промени?!

27.05.2014 16:10

Справувањето со климатските промени е една од целите на Македонија која ја следи стратегијата на Светската здравствена организација...

Климатските промени носат ризици за појава на заболувања кои не се специфични за одредени региони-велат експертите на Светската здравствена организација. Екстремно високите и ниските температури, поплавите, носат опасност од враќање на веќе искоренети болести или појава на нови.

„Климатските промени го зафатија не само делот од Медитеранот туку и посеверно и резултираа со појава на некои заразни болести коишто не се ендемични за регионот. Западно нилската треска и маларијата  се движат од Грција и  јужна Италија кон другите делови на континентот каде што порано не биле присутни“, вели Агис Цурос- директор за политика,здравје и благосостојба- СЗО.

Стратегијата за здравствените системи до 2020 содржи и оперативни планови за справување со вакви ситуации, кон кои се приклучува и Македонија.Од денешната работилница на нашите и на експертите од СЗО произлегоа конкретни планови како да се справиме со одредени кризни ситуации од здравствен аспект.

„Разговаравме за ’ситуациона соба’ во која што во кризни ситуации ќе се знае кој каква улога треба да има и какви мерки треба да се преземат во одреден момент“, изјави  министерот за здравство, Никола Тодоров.  

Според диркторот за здравствени политики на СЗО Цурос, Македонија има голем напредок во организацијата и во инвестициите во ресурси и опрема во здравствениот систем.

Соња Стојановска