Појасот Газа и натаму под жестоки израелски напади
Израелските безбедносни сили ги повикаа палестинците од северниот дел на Појасот Фаза за 24 часа да се евакуираат кон југот. Обединетите Нации предупредуваат за толку кратко време тоа е неможно да се направи без катастрофални хуманитарни последици. Газа и натаму под жестоки израелски напади. Една недела од почетокот на конфликтот на Израел со милитантите на Хамас...

Израел ги предупреди Палестинците да се евакуираат во јужниот дел на Газа во рок од 24 часа. ООН веруваат дека е невозможно да се направи тоа без катастрофални хуманитарни последици.
Израелско-палестинскиот конфликт влезе во седмиот ден. Во текот на ноќта извршени над 750 напади врз цели во Газа. Бројот на загинати и повредени расте. Од Хамас велат дека нема разговори за ослободување на заложниците додека не престанат нападите. По итната посета на државниот секретар Блинкен на Тел Авив, од Белата куќа велат дека е важно конфликтот да запре.
„Не сакаме овој конфликт да се прошири. Не сакаме да видиме како Хезболах носи таква одлука. Причината зошто го преместивме носачот на авиони во Источен Медитеран беше да дејствуваме како пречка за кој било друг актер, вклучително и Хезболах, кој би можел да помисли дека проширувањето на овој конфликт е добро“, изјави Џон Кирби – портпаролот на Советот за национална безбедност на САД.
СЗО побара транспортни коридори за помош на Газа, а Египет да продолжи со пренесување на основните резерви во енклавата преку преминот Рафах.
„Се сретнав со претседателот Ал-Сиси во Египет и го прашав дали може да помогне во преносот на медицински материјали за Газа, за што се согласи. Едно, е да се заштитат цивилите и второ, да им се обезбеди поддршката што им е потребна, било да е тоа храна, медицински услуги, материјали и други работи што им се потребни“, изјави Д-р Тедрос Аданом Гебрејесус – Генерален директор на СЗО.
Привремениот либански премиер, побара политичките сили на неговата земја да покажат воздржаност. Изјавата следува откако израелската армија гранатираше области во јужен Либан од каде претходно беа истрелани проектили од Хезболах како поддршка за Хамас.
„Она со што се соочува Газа е планиран геноцид кој ги брише децата и цивилите. Кабинетот ја потврдува победата за угнетените и својата солидарност со палестинскиот народ во нивната борба и правото на живот“, изјави Наџиб Микати -привремен премиер на Либан.
Протести за поддршка на израелскиот народ се одржаа во неколку метрополи. Од почетокот на нападите на Хамас врз Израел, владите на Велика Британија, Франција и Германија ја зголемија безбедноста во и околу еврејските институции. Француската полиција употреби водени топови за да го растера забранетиот пропалестински митинг во Париз.
Маријана Димовска
