Филмски фестивал

Денеска почнува 8.издание на МФФ Киненова

13.10.2023 10:06

Со проекција на филмот „Зад стоговите сено“ на грчката режисерка Асемина Проедроу и доделување на наградата за особен придонес во филмската уметност на актерот Бранислав Лечиќ, денеска во Синеплекс, со почеток во 20 часот ќе биде отворено 8.издание на МФФ Киненова...

Со проекција на филмот „Зад стоговите сено“ на грчката режисерка Асемина Проедроу и доделување на наградата за особен придонес во филмската уметност на актерот Бранислав Лечиќ денеска во Синеплекс со почеток во 20 часот ќе биде отворено 8.издание на МФФ Киненова.

„За ова осмо фестивалско издание на МФФ КИНЕНОВА, во киносалите во Скопје, низ играта на светлото, сенките и боите на филмската проекција ќе се изнедрат универзуми на осум нови храбри филмски авторски гласови од цел свет со нивните деби филмови, преку кои на вас драга публико ви подаруваме можност да го видите светот во целина, така што ќе можете да ги видите актуелните приказни од Бразил, Англија, Шпанија, Иран, Грузија, Македонија, Србија и Украина и сите заедно да придонесеме во градење на една нова цивилизација на повисоки вредности“, вели Небојша Јовановиќ, директор на Фестивалот„Киненова“.

„Во нашето осмо издание во натпреварувачката програма ви носиме осум драгоцени филмски стории на дебитанти и перспективни автори кои ги рушат стереотипите на воздржаност и одважно и вртоглаво се втурнуваат во вителот на актуелното, горливото, ранливото, убавото, грдото и доброто, одмаздољубивото и рамнодушното, тажното и среќното, во она што ни е на дофат, и во она што е далеку од нас, во трансцендентното и во суровото реално. Тие користат и класични и експериментални концепти, но „ѓаволот“ е меѓу дијалозите, онаму каде што навистина се случува филмот. Такви филмови ќе гледате на 8. МФФ Киненова, филмови што освојуваат, филмови што ќе се паметат“, вели Гена Теодосиевска, уметнички директор на Фестивалот.

Од денеска до 18-ти октомври во Синеплекс ќе може да се проследи целосната програма на Фестивалот.