Од понеделник почнува екстерното тестирање

27.05.2014 16:19

Од утре учениците ќе знаат кој ден ќе полагаат екстерно тестирање. Во основните и во средните училишта кадешто треба да се спроведе екстерното тестирање ќе бидат објавени имињата на учениците со денот кога ќе полагаат. Учениците се подготвени и велат дека прашањата се од материјалот што го учеле...

Учениците од средно и основно образование го загреаја столчето. Од понеделник почнува екстерното тестирање. Од утре во училиштата ќе се објават имињата на учениците и денот и часот кога ќе полагаат. Предметот ќе се знае три дена пред секое тестирање.

„На пример, доколку ученикот се тестира на 02.06.2014, распоредот со предметот по кој ќе се тестира ќе биде достапен на 30.05.2014 година и така ден за ден, бидејќи имаме училишта во кои имаме премногу голем број ученици и не може во еден ден да се заврши целосното тестирање“, изјави министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Учениците велат дека прашањата се од материјалот што го учеле. Се надеваат дека се ќе помине во најдобар ред.

Директорот на средното училиште „Васил Антевски- Дрен“ вели дека со тоа што учениците ги имаат прашањата, успехот ќе биде поголем.

„Првично се олабавени од тремата, значи од оној дел што како ќе има. Друго е кога сте веќе нешто запознаени и сте го виделе, а друго е кога ќе добиете нешто ненадејно. Сепак,тие имаа на веб-страницата, ги симнаа прашањата, знеја за кои прашања се работи“, смета Александар Канурков,  директор на СЕПУГС „Васил Антевски- Дрен“.

Резултатите од екстерното тестирање ќе бидат објавувани етапно. Предност ќе им се даде на осмооделенците бидејќи уписите за средно училиште почнуваат на 18-ти и на 23-ти јуни.

Во изминативе две недели, од страна на македонската јавност пристигна 3.461 забелешка во однос на прашањата за екстерното тестирање. На сите забелешки е направено корекција, а најмногу забелешки има во однос на формулацијата на одредено прашање и во делот на преводот.

Ана Јосифоска-Тодоровска