Случај „Онкологија“

Гоговска Јакимовска: Независно вештачење ќе го расчистува сомнежот за несовесно лекување

13.10.2023 11:56

Тим од стручни лица го анализира материјално-финансиското работење на Онкологија и помагаат во анализа на медицинските истории на пациентите. Ова го изјави обвинителката Ана Гоговска Јакимовска во интервју за „Слободен печат“...

Тим од стручни лица го анализира материјално-финансиското работење на Онкологија и помагаат во анализа на медицинските истории на пациентите. Ова го изјави обвинителката Ана Гоговска Јакимовска во интервју за „Слободен печат“.

Таа вели дека дел од медицинските истории на пациентите се веќе издвоени поради сомнение за несовесно лекување и тие ќе се вештачат од независна институција.

Обвинителката потврдува дека кругот на потенцијални сторители на кривични дела е стеснет и дејствијата се конкретизираат. Најголем дел од доказите се обезбедени, а вештачењата и анализи на компјутерски податоци се во тек.

Денеска во Собранието продолжува со работа и Комисијата за финансирање и буџет за конечните извештаи на Државниот ревизор за Клиниката за онкологија.

Членовите на Комисијата вчера поставуваа прашања во врска со извештаите.

Во 2021 година констатирани се низа пропусти во протоколите за лекување, во системот за јавни набавки на лекови и опрема, а забелешки има и за тоа зошто сè уште не е ставен во функција акцелераторот кој што чини над 1,7 милиони евра.