Израел ги повика жителите да го напуштат градот Газа
Израел нареди Палестинците да се евакуираат од Газа во рок од 24 часа. Иранското МНР предупреди, ако израелското бомбардирање продолжи, војната може да се отвори на други фронтови. По итната посета на државниот секретар Блинкен, во Тел Авив пристигна и министерот за одбрана на САД Лојд Остин. Израелско-палестинскиот конфликт влезе во седмиот ден...

Израел ги предупреди Палестинците да се евакуираат во јужниот дел на Газа во рок од 24 часа. ООН веруваат дека е невозможно да се направи тоа без катастрофални хуманитарни последици. Израелско-палестинскиот конфликт влезе во седмиот ден. Во текот на ноќта извршени над 750 напади врз цели во Газа. Бројот на загинати и повредени расте.
„Израелската одбрана повикува на евакуација на сите цивили од градот Газа, од нивните домови на југ поради сопствена безбедност и заштита. Во следните денови, одбраната ќе продолжи да дејствува со значителна сила во градот Газа и ќе направи големи напори за да избегне да им наштети на цивилите. Во тек се значајни борбени операции“, изјави потполковник Џонатан Конрикус.
Од Хамас велат дека нема разговори за ослободување на заложниците додека не престанат нападите. Ако израелското бомбардирање на Газа продолжи, војната може да се отвори на други фронтови, став на иранското МНР.
„Некои западни претставници ме прашаа дали е можно да се отворат нови фронтови против лажниот режим на Израел. Исламската Република Иран силно ќе ја продолжи својата политичка, меѓународна и медиумска поддршка за палестинскиот отпор“, изјави Хосеин Амирабдолахиан, министер за надворешни работи на Иран.
По итната посета на државниот секретар Блинкен, во Тел Авив пристигна и министерот за одбрана на САД Лојд Остин. Претходно, СЗО побара транспортни коридори за помош на Газа, а Египет да продолжи со пренесување на основните резерви во енклавата преку преминот Рафах.
„Се сретнав со претседателот Ал-Сиси во Египет и го прашав дали може да помогне во преносот на медицински материјали за Газа, за што се согласи. Едно, е да се заштитат цивилите и второ, да им се обезбеди поддршката што им е потребна, било да е тоа храна, медицински услуги, материјали и други работи што им се потребни“, изјави д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
Војниците на мировните сили на ООН познати како УНИФИЛ патролираат на граничната линија меѓу либанско-израелската граница. Постои загриженост дека Хезболах, може да се вклучи во конфликт со Израел. Привремениот либански премиер побара политичките сили на неговата земја да покажат воздржаност. Израелската армија претходно неделава гранатираше области во јужен Либан од каде Хезболах истрела проектили како поддршка за Хамас.
Маријана Димовска
