Зголемена безбедност во Европа и САД поради пропалестинските и произраелските протести
Реакции во светот по ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Хамас, но и зголемените тензии на Блискиот Исток. Во Лондон поради мерки на претпазливост затворени четири еврејски училишта, во САД домашната Служба за безбедност е загрижена поради пропалестинските и произраелските протести. Во Париз полицијата растури демонстрации со водни топови...

Служби за безбедност го зголемија нивото на претпазливост поради можната ескалација на произраелските и на пропалестинските протести на американска територија. Во Вашингтон полицијата го засили обезбедувањето околу Капитол и во критичните места на главниот град на САД. Се поставуваат огради околу Конгресот. Сепак, според Си-Ен-Ен, демонстрациите во универзитетските кампуси на западниот и источниот американски брег се под лупа на Службата за домашна безбедност.
Во Кина, вработен во израелската амбасада е нападнат. Кинеската полиција ја зголеми безбедноста во Пекинг. Нападот се случи, откако Израел отворено ја критикуваше Кина за ставот за нападот на Хамас.
Во Париз, со водни топови, антитерористичките служби и полицијата ги растурија пропалестинските демонстрации. Францускиот претседател Макрон го повтори произраелскиот став и побара од Французите да останат обединети, иако 13 француски државјани се убиени во нападот на Хамас.
„Знам колку се исплашени нашите еврејски пријатели поради антисемитските немири со запалива реторика, со навреди, со однесување кое овде ги навредува. Разбирам и колку се гневни нашите муслимански пријатели поради тековните предизвици, кои не можат да се споредат со ништо. Ќе се спротивставиме на стравот, никој да не се плаши во Франција. Не смее да има сомнежи или поделби меѓу нас“, изјави францускиот претседател, Емануел Макрон.
Во Багдад еруптираа протестите за поддршка на Палестина. Илјадници се собраа на плоштадот Тахрир, го пречкртуваа и го палеа израелското знаме. Демонстрациите беа организирани од шиитските религиозни водачи. Слични протести се одржаа и во Либан, Сирија и во други арапски земји.
Зоран Богатинов
