ИЗРАЕЛ - ХАМАС

ОН: Евакуација на Појасот Газа е невозможна без катастрофални хуманитарни последици

13.10.2023 14:46

Израелската одбрана повикува на евакуација на сите цивили од Газа во наредните 24 часа. Израелско-палестинскиот конфликт влезе во седмиот ден. По итната посета на државниот секретар Блинкен, во Тел Авив пристигна и министерот за одбрана на САД, Лојд Остин. Нема алтернатива за решавање на палестинско-израелскиот конфликт без преговори. став на рускиот претседател Путин...

Израел ги предупреди Палестинците да се евакуираат во рок од 24 часа. Од 2,3 милиони Палестинци во појасот најзагрозени се 1,1 милиони. Евакуацијата треба да се спроведе преку преминот Рафа на израелско-египетската граница. ОН веруваат дека тоа е невозможно да се направи без катастрофални хуманитарни последици. Израелско-палестинскиот конфликт влезе во седмиот ден. Бројот на загинати и повредени расте. Од Хамас велат дека нема разговори за ослободување на заложниците додека не престанат нападите.

„Израелската одбрана повикува на евакуација на сите цивили од градот Газа, од нивните домови на југ, поради сопствена безбедност и заштита. Во следните денови, одбраната ќе продолжи да дејствува со значителна сила во градот Газа и ќе направи големи напори за да избегне да им наштети на цивилите. Во тек се значајни борбени операции“, изјави Потполковник Џонатан Конрикус, Израелски одбранбени сили.

По итната посета на државниот секретар Блинкен, во Тел Авив пристигна и министерот за одбрана на САД, Лојд Остин.

„Ние сме со вас, господине премиер. Ова е ужасна недела, одвратни дејствија на оваа терористичка група. Ја бев човекот кој првично ја состави кампањата против ИСИС и знам многу за нив. И ова е полошо од она што го видов од нив“, изјави Лојд Остин.

„Хамас е ИСИС. И како што се обедини целиот цивилизиран свет за да се бори против ИСИС, така светот треба да се обедини за да ни помогне да се бориме против Хамас“, порача израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Нема алтернатива за решавање на палестинско-израелскиот конфликт без преговори, став на рускиот претседател Путин и додаде дека најавената копнена офанзива е комплицирана работа.

„Слушаме за плановите за подготовка на копнена операција во Газа. Но, вие и јас разбираме дека употребата на тешка опрема во станбени области е комплицирана работа, полна со сериозни последици за сите страни. Цивилни жртви се неприфатливи. Над два милиони луѓе живеат таму“, изјави Путин.

Ако израелското бомбардирање на Газа продолжи, војната може да се отвори на други фронтови, став на иранското МНР.

„Некои западни претставници ме прашаа дали е можно да се отворат нови фронтови против лажниот режим на Израел. Исламската Република Иран силно ќе ја продолжи својата политичка, меѓународна и медиумска поддршка за палестинскиот отпор“, рече иранскиот министер за надворешни работи, Хосеин Амирабдолахиан.

Војниците на УНИФИЛ патролираат на граничната линија меѓу либанско-израелската граница. Постои загриженост дека и проирански Хезболах, може да се вклучи во конфликтот со Израел. Хамас го гранатираше градот Ашкелон на север од појасот со повеќе од стотина проектили.

Маријана Димовска